| четврток, 6 декември 2018 |

Децата чии права биле нарушени, ќе можат да се жалат во ОН

Децата, чии права биле нарушени, ќе можат отсега да поднесат жалба пред специјален комитет на ОН, соопшти денеска меѓународна организација.

Третиот незадолжителен протокол кон Конвенцијата на ОН за правата на детето, што стапува во сила во април, воведува процедура за известување и го заштитува правото на децата на средство за сигнализирање при нарушување на нивните права.

Протоколот, поздравен од УНИЦЕФ и заштитниците на правата на децата, треба да биде ратификуван најмалку од десет земји.

Според текстот децата, самостојно или групно, можат да поднесат жалба за конкретно нарушување на нивните права согласно Конвенцијата на ОН за човекови права, протоколот за децата во зони на вооружени конфликти и на протоколот поврзан со трговијата со деца, со детската проституција и порнографија.

Комитетот за правата на детето, составен од 18 експерти за човекови права, може да преземе дејствија за закрила на децата, кои поднесуваат жалба, против евентуална одмазда, барајќи од државата да преземе времени мерки за заштита на дете или група деца.

Во случај соодветната држава да биде прогласена за виновна за нарушување на Конвенцијата, таа ќе биде задолжена да ги исполни препораките на Комитетот.

Земјите кои досега го ратификуваа третиот незадолжителен протокол се Албанија, Германија, Боливија, Шпанија, Габон, Црна Гора, Португалија, Словачка, Тајланд и Коста Рика.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top