Требиште и требиштани вечно ќе ја паметат и прераскажуваат љубовната приказна на Мирко, пејачот и за неговата сопруга Иванка, Миркојца. Се засакале уште како деца. Заедно оделе во селското училиште. Играле исти игри на сретсело со своите другарчиња. Дните одминувале, а децата си растеле. Дошло време Мирко да оди во Скопје за да учи средно школо. Иванка останала во селото. Мирко во меѓувреме научил да свири гитара и кога ќе дојдел во селото бил „главен“. Сите се собирале околу него. И Иванка доаѓала на тие седенки. Погледите сѐ почесто им се сретнувале и се наѕирала голема љубов. Мирко ѝ оставил и слика барем да го гледа кога ќе заминел за Скопје. Кога слушнале нејзините за љубовта на „мангупот со гитарата“’ и на нивната Иванка, веднаш се спротивставиле, особено нејзината мајка. Но, и овој пат победила љубовта. Еден ден Мирко дошол од Скопје и ја убедил Иванка да побегне од дома. Го „фатиле“ патот за Прешево кај негови роднини. Кога по една недела се вратиле во Требиште, таму почнала свадба. Татко му на Мирко ги викнал најдобрите свирачи од Дебар. Бил голем мераклија, ем прочуен терзија. За невестата навезол најубава носија. Си го жени синот. Арно ама на свадбата немало ни трага ни глас од родителите на Иванка. Веселбата траела три дена. Зетот имал 20, а невестата 19 години. Во 1961 година им се родило првото машко дете, кое го крстиле Љупчо. Тогаш сватовите, конечно, се помириле и родителите на Иванка дошле на гости да си го видат внучето. Две години подоцна, во јуни 1963 година отишле да живеат во Скопје. За нивна среќа, го преживеале и катастрофалниот земјотрес. Една година подоцна Мирко се вработил како возач во РТВ Скопје. Првиот автомобил што го возел бил едно старо „фиќо“. Тогаш им се родил вториот син, Зоран, а две години потоа ќерката Виолета.

Мирко со Миркојца и внуците
Во 1970 година за ПГП РТБ Мирко ја снимил првата сингл-плоча „Велешките ергени“. Во 1972 година ја снимил „Градел Илија манастир“, a во 1975 година „дна мома с’мајка е“. Плочите се ределе една по една и популарноста на Мирко постојано се зголемувала. Почнале да пристигаат понуди за гостувања од сите страни. Се ределе турнеи низ Европа и во прекуокеанските земји. На првата турнеја за Австралија отишле заедно со пејачот на народни песни Војо Стојаноски. Еве што вели Војо за дружењето со чичко Мирко.
– Кога доаѓав во Скопје престојував во нивниот дом. Додека стрина Миркојца го готвеше ручекот, ние седевме на терасата и пеевме стари песни од нашиот крај. Многу ми помогна во почетокот на мојата музичка кариера. Незаборавна ќе ми остане нашата заедничка турнеја во Австралија. Од нашинците бевме пречекани со одушевување. Салите беа преполни. А за концерти низ Македонија да не ви зборувам. Ги имавме многу. Ех, тоа беа времиња – со носталгија се присетува Војо. – Чичко Мирко беше многу весел човек. Знаеше многу успешно да ја забавува публиката. Секогаш беше насмеан. Бевме многу блиски.

Мирко со Војо Стојановски (десно) на настап во Австралија
И пејачката Блага Петревска има само пофални зборови за својот колега и добар пријател.
– Беше честит човек. Беше добродушен и воопшто не беше завидлив, ами напротив, многу беше чесен и коректен кон колегите. Беше семеен човек и постојано зборуваше за својата Миркојца и за децата. Семејството му беше светост – вели таа.

Митревски на настап за Илинден 1995
Во 1990 година ја снимил првата касета за МРТ „Седнав да вечерам пиле печено“, а во 1992 година втората касета „Свирете ми, еј свирачи“. Во тој период отпеал една шегобијна песна „Отвори го пенџерчето“, која стана вистински хит. Веднаш потоа со тогаш популарната раперка Ена Веко, придружуван од групата „Академци“ ја отпеале песната „Си заљубив раперка“ на фестивалот „Цветници“, која стана вистински хит. Неговите настапи секогаш беа проследени со одушевување. Луѓето, едноставно, го сакаа. Тој беше близок со нив и на еден префинет ненаметлив начин знаеше да ја освои публиката. Затоа многу често на фестивалите публиката го даваше својот глас за неговите песни. И добиваше награди. Во 1990 година и во 1992 година ги доби наградите за фолк-хит на годината, а во 2007 година радио „Роса“ постхумно му ја додели наградата за животно дело. Им помагал на групата „Академци“, како и на пејачот Миле Кузмановски во почетокот на нивната музичка кариера. А, за неговата музичка кариера неговите пријатели велат дека најмногу му помогнал академскиот музичар Мате Грујоски, кој мошне успешно преработил голем број народни песни од реканскиот регион, а Мирко ги отпеал. Сега веќе 80-годишниот Мате Грујоски со задоволство се присетува на дружењето и на соработката со Мирко Митревски.
– Бевме домашни пријатели и одлично се познававме. Имавме извонредна соработка. Не случајно тој беше мојот избор на пејач што ќе ги пее моите песни. Беше од нашите краишта и бојата на неговиот глас одговараше за врвна интерпретација на тие песни. Од оваа временска дистанца, сметам дека како тандем сме биле многу успешни, а тоа што Мирко го отпеа ќе се слуша уште многу години – вели Грујоски.

Легендарната „Отвори го пенџерчето“ со Нулта Позитив
А, интерпретаторот Благоја Грујоски неодамна ја сними песната „Селвие сенѓузел“.
– Го направив тоа со големо задоволство, со цел и понатаму да живеат песните што своевремено мошне успешно ги отпеа чичко Мирко – вели Баже.
Како круна на љубовта, на својата сопруга ѝ подари песна „Ивано, Иванке“:
„Од голем мерак по тебе
Три ноќи не сум заспало.
Три ноќи не сум заспало
в меана сум се опило.
Ивано, Иванке лична Реканке…“
По смртта на неговата сопруга во 1997 година неговите домашни и пријателите велат дека Мирко целосно се променил. Ја загубил насмевката на лицето. Сакал почесто да биде сам. Погледот му бил тажен. Неговиот син Зоран вели дека тој, едноставно, не може да ја преболи. Мирко Митревски почина во 2001 година на 62-годишна возраст. Од неговото семејство со музика се занимава само неговата внука Ивона, која пее во младинскиот хор „Рустико“ кај Запро Запров.
Текстовите на некои песни му ги пишувале Јонче Христовски и Бошко Смаќоски. Негови песни што доживеаја најголема популарност се:
– Велешките ергени
– Селвие сенѓузел
– Блазе си на таја мома
– Над сред село тапан бие
– Баба грбава
– Зоре Зорице
– Бела Јано
– Oдамна шетав јас
Текст објавен во 10. број на неделникот Република (9 ноември 2012)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



