Почнуваат активностите за Вевчанскиот карневал, чијашто кулминација се очекува да биде в недела, кога е дефилето на маскираните василичари. Официјалниот дел на карневалот во струшкото село Вевчани почнува денеска, со новогодишен концерт и со настап на културно-уметничкото друштво „Дримкол“, а утре ќе биде организирана музичка програма. На неа ќе учестуваат „Дивље јагоде“, „Скандал састав“, Верица Ристевска, Пламенка Трајковска – Трио и „Пука козметика“.
Маскираните василичари ќе продефилираат в недела напладне, а потоа на плоштадот ќе се одржи голем концерт на кој ќе настапат повеќе естрадни уметници, меѓу кои Благица Павловска и Нино Величковски. Според традицијата, василичарите ќе ги посетуваат домовите на тие што го носат името на светецот Василиј. Карневалот завршува со традиционалното василичарско оро и церемонијално палење на маските со што се симболизира уништувањето на злото и прочистувањето на лошите духови.
Од 1993 година Вевчанскиот карневал е член на Асоцијација на светските карневалски градови (ФЕЦЦ) под уставното име на Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


