| четврток, 6 декември 2018 |

Состојбата со грип стабилна

Од почетокот на сезоната на грип, досега во Македонија има околу 1.300 заболени. Државата и здравствените власти се целосно подготвени да се справат со овој предизвик, со лекарства, обучени тимови и со опремени институции.

Ова денеска го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, по посетата на Клиниката за инфективни болести во Скопје.

– Минатата година целата сезона ја завршивме со околу 25 илјади заболени. Има определен благ пораст, но се уште е рано за да се носи конкретна одлука, рече Тодоров.

Директорот на Клиниката за инфективни болести Звонко Миленковиќ информира дека бројот соодветствува на сезоната на грип, а сегашната состојба е релативно стабилна.

– На Клиниката има зголемување на бројот на пациенти со респираторни симптоми кои асоцираат на грип, но се уште оваа бројка не го достигнала својот максимум. Од први до 30 декември на Клиниката се хоспитализирани 30-тина пациенти со симптоми на грип. Нивната здравствена состојба е стабилна. Ниту еден од нив не се наоѓа на Одделението за интензивна нега, рече Миленковиќ.

Тој додаде дека задолжително ги следат и пациентите и со други дијагнози, кои се лекуваат на Клиниката, а особено оние кои се со засегање на повеќе органи од друга генеза. Според него, оваа година ситуцаијата на ниво на Македонија е почната порано од лани. На оваа Клиника, како што рече, доаѓаат најтешките пациенти и оние кои имаат потреба од
дополнителен третман, кој во други институции потешко може да се спроведе.

Тој додаде дека внимателно следат неколку сензитивни индикатори-појава на тешки случаи со респираторни заболувања и појава на комплицирани случаи на грип, кои се очекуваат во следниот период. Јованка Костовска, раководител на Сектор за превентивна здравствена заштита потсети дека уште во 2009 година кога обезбедувале „тамифлу“, обезбедиле и со подолг рок.

– Уште пред два месеци од МЗ беше распределен лекот „тамифлу“ во сите аптеки во здравствените домови. Го има од пред два месеци и е бесплатен за сите пациенти. Матичните лекари се информирани и знаат дека на пациентите можат да им го
напишат на розов рецепт за да го земат бесплатно. До три часот го има во сите аптеки на здравствените домови. Попладне и во ноќните часови го има во итната медицинска помош, рече Костовска.

Таа апелираше хронично болните лица, бремените жени и деца до три години ако добијат симптоми на грип, сами да не се лекуваат и веднаш да побраат помош од матичниот лекар. За нив, како што рече, сигурно неопходно ќе биде „тамифлу“ за да им се помогне.

Пациентите кои се во здрава состојба, можат да се лекуваат во домашни услови, но доколку состојбата им се влошува и за три дена не се смирува температурата, имаат тешко дишење, веднаш да се јават на лекар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top