Повозрасните најмногу ја паметат како Фатиме од претставата „Солунски патрдии“, каде што ја имаше легендарната „Кој мене викала“, а сега сите ја препознаваат како мајката по млеко на Сулејман Величенствениот. Оваа мегапопуларна високобуџетна телевизиска турска серија е една од најгледаните серии во 50 земји во светот, а во неа забележителна улога има македонската актерка Сабина Ајрула – Тозија.
Со неа разговаравме во последнaта сабота од оваа година. Актерката на Драмски театар на читателите на „Република“ им порача да не заборават да се смеат и да веруваат дека сѐ е можно.
– Тоа што јас ја добив оваа улога во „Величенствениот“ го докажува тоа дека мора да веруваме дека сѐ што е наше ќе си дојде – вели Ајрула.
Редакцијата на „Република“ ја избра Ајрула во петте најзначајни личности и настани што се наши, македонски, а светски, односно успехот што го постигнале со својата работа оставил белег надвор од нашите граници.
И пред „Величенствениот“ Ајрула беше доволно позната актерка. Многумина ќе се согласат дека одигра маестрална улога во „Сенки“ каде што ја глуми лекарката Вера Перкова. Тие што сакаат комедии ја паметат и како Грозда во „Салон Хармони“, во 1996 година ја доби наградата „Климент Охридски“, а истата година ја доби и наградата за најдобра актерка благодарение на Агнеса, за претставата „Игранка во времето на Лунаса“, улога што ѝ е посебно драга.
– Со таа претстава имавме големо враќање на сцената. Игравме четири актерки на иста возраст – јас, Мајда Тушар, Снежана Стамеска, Ленче Делова и со нас беше и Ѕвезда Ангеловска, која ја глумеше најмладата сестра. Пред оваа претстава ја игравме и „Дамите од Аламо“. За актерите е важно да ја сакаат секоја улога што ја играат. Јас секогаш го бранам до крај ликот во претставата што ја играм. Ја играв „Гертруда“ во Хамлет, играв во драма на Ибзен, многу ја сакав улогата на Ана, тоа беше една мала улога, но за мене многу значајна, потоа Варја во Чехов, но сакала јас или не, улогата на Фатиме во „Солунски патрдии“ е таа по која сите ме препознаваат. Тоа е претстава, која ја гледаа повеќе генерации. Тоа е култна претстава. Секој театар има една таква. Од друга страна, среќна сум што сум играла во сите претстави на Драмски театар, кои доживеале повеќе 100 изведби. Тоа е среќа, но и претставите беа добри. Играв во „Болва во уво“, „Рибарски караници“, „Јане Задрогаз“ – се присетува Ајрула.
А кога станува збор за „Величенствениот“ македонската актерка има само пофални зборови. Серијата се прикажува на три континенти и има огромна популарност. Сите сакаат да прочитаат нешто повеќе за ликовите, актерите што се ангажирани се вистински ѕвезди со светска слава.

– Првпат ми се случува да играм во таква мега-серија и тоа беше голема среќа како паднал изборот на мене. Навистина првпат се почувствував како ѕвезда. Истанбул е мегаполис и во една прошетка по градот ме запреа две Гркинки. Тие говореа грчки, но мене ми се обратија на англиски јазик. „Се извинуваме, вие ли сте Афифе Хатун?“ Бев изненадена бидејќи сметав дека ме препознаваат само со турбанот на глава, како што се појавувам во серијата. Верував дека ме препознаваат само по гласот. Најчесто ми се случува Арапи да ме препознаваат и тоа како мојот лик Афифе Хатун. Имав неколку интервјуа додека се снимаше серијата и тоа не само од турски медиуми, туку и од други земји. На шега главната продуцентка ми рече: „Сабина, искористете го моментот!“ – раскажува Ајрула.
„Тимс продукцијата“ е втора голема продукција со која соработувала Ајрула, по филмот „Сенки“ на Манчевски.
– Таа, исто така, беше високопрофесионална и таму првпат се сретнав со голема продукција. И претходно сум снимала филмови, серии, но ова е вторпат да работам со една многу сериозна продукција. Да бидам искрена, не се надевав дека може да се работи на тој начин. Работев со големи ѕвезди, кои на снимањето се обични луѓе, а професионализмот им е на многу високо ниво. Нема импровизации, нема калкулации. Мора да бидете целосно подготвени. Имате куси разговори со режисерот, тој ви дава насоки и снимате – ги пренесува впечатоците Ајрула.
Таа никогаш нема да ја заборави првата сцена што ја снимила со Халит Ергенч, кој го толкува ликот на Величенствениот, како и забавата што ѝ ја приредила целата екипа кога завршила со снимањето на нејзините сцени во серијата.
– Султанот Али ми посака добредојде и ми ја бакна раката. За време на снимањето ме охрабри дека одлично глумам и со тоа ми ја зголеми самодовербата. А забавата за збогувањето не се опишува со зборови. Дојдоа сите од сетот, од костимографи, преку шминкери, сценаристи, режисерот, продуцентите, сите актери… – вели Ајрула.

Таа има да досними уште две сцени од серијата, што значи дека патот повторно ја води во Истанбул, но признава дека ликот што го толкува во серијата уште е во неа.
– Јас уште не сум излезена од ликот на Афифе Хатун. Таа е присутна некаде во малиот мозок. Такви улоги секогаш оставаат печат и многу е тешко да ги избришете. Знам дека за тоа ќе ми биде потребно време. Така беше и со ликот на Вера Перкова. Пред извесно време се видовме со Манчевски. И тогаш тој ми раскажа една случка на која лично бил сведок. „Случајно отидов в болница и знаеш што се зборува таму? Пушти ја оваа Вера Перкова!“ Името е влезено во лекарските кругови како синоним за корумпирана лекарка. Да бидеме на чисто, јас до крај не признав дека Вера Перкова е негативен лик. Стојам на ставот дека никој не се раѓа лош, туку околностите го создаваат човекот. Тешко ми беше да се одвојам од тој лик и долго живеев со него. Дури еднаш син ми ме опомена, дека на моменти сум се однесувала како неа. Но, многу сум му благодарна на Манчевски за таа улога – вели Ајрула.
Актерката, која првите улоги во театарот ги добива на сцената на МНТ и во Турската драма при театарот на народностите, со дистанца од една и пол година признава дека е убаво да се живее во султановиот харем. Признава дека од почеток имала проблеми со јазикот, кој подоцна ги надминала.
– Седев нашминкана и подготвена да снимам. На сите други им беше чудно што не говорам, но не им беше јасно дека не го знам тој турски јазик што го говорат тие. Мислев дека што и да прозборам, ќе биде погрешно. Текстот ќе го научев, но не бев подготвена за импровизиран разговор. На почеток бев шокирана бидејќи се најдов меѓу толку големи ѕвезди. Ги познавав бидејќи работев на синхронизација на турски серии. Признавам дека имав голема трема, но тоа се покажа како сосема непотребно. Сите беа непосредни, мили… Да се разбереме, таму одите како анонимус. Тоа што јас сум го работела во својот живот никој не го знае. Но, нема случајности. Тие знаеја за сѐ што сум го работела. Екипата е релативно млада, до 35 години. Интензивно се дружеше, постојано ме канеа на нивите „собиранки“. Беше напорно, посебно првата година, бидејќи кога заминав за Истанбул да снимам, во Скопје имав почнато една синхронизација. Доаѓав и по три дена влегував рано наутро во студио и излегував доцна навечер. Потоа се враќав во Истанбул – раскажува Ајрула за доживувањата во Истанбул и за случките на снимањето.
Серијата е при крај. Веројатно ќе има уште една сезона во која ќе се следи умирањето на Мустафа, па на Хурем и на Сулејман. Тој е единствениот султан што живеел 72 години. Ајрула има да досними уште две сцени од серијата што ѝ донесе голема слава. Во меѓувреме, оваа актерка неуморно работи, а работата ја подмладува.
Пишува: Александра М. Бундалевска
(Објавено во 70. број на неделникот Република, 3.01.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


