Перо Антиќ сѐ повеќе се наметнува со добрите игри во Атланта хоукс, а вистинско освежување се македонските навивачи кои постојано го бодрат од трибините првиот македонски кошаркар што настапува во НБА-лигата, пишува новинарката на „Атланта ол деј“, Далтон Кин.
„Антиќ игра одлично на последните неколку натпревари, како стартер за Атланта и би можел да биде неопходната инјекција за подобри резултати на клубот. Кога Дени Фери го донесе во Хоукс, речиси никој не очекуваше Перо да игра вака добро. Можеби треба да игра малку повеќе под обрачите, но не смее да се заборави дека тој првпат настапува во лигата“, пишува Кин.
Еден од моментите што се највпечатливи во неговата кратка кариера во НБА е тројката со една нога против Шарлот со која го израмни резултатот, а потоа Атланта и победи. Од тој меч поради повредата на Ал Хорфорд, Антиќ стана и стартер и одлично ја користи шансата.
„На изненадувачки лесен начин Антиќ го покри отсуството на Ал Хорфорд, кошаркар што е мошне влијателен кај Хоукс. Перо ја крена играта на многу повисоко ниво и тоа експресно. Ако продолжи во истиот ритам, Атланта ќе има голема корист од него“, вели новинарката на „Атланта ол деј“.
За неа и за грото од симпатизерите на најсилната кошаркарска лига на светот, вистинско освежување се македонските навивачи кои го бодрат Антиќ во сите арени каде што настапува Атланта.
„Јасно е дека тој е првиот Македонец во НБА, но веројатно никој не очекуваше ваква еуфорија кај македонските навивачи. Многу симпатично, гордо и бучно си го бодрат својот миленик и се неочекувано убав нов колорит во НБА“, стои во текстот на Далтон Кин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.