Во Вашингтон, по божикните празници, продолжуваат активностите за подготовка на самитот на НАТО, кој во септември ќе се одржи во Велика Британија. Неколку европски министри за одбрана се во посета на САД, на консултации со секретарот за одбрана Чак Хејгл и други претставници на американските власти за подготовките на самитот, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
Естонскиот министер за одбрана Урмас Реинсалу, кој вчера го посети Центарот за стратегиски и меѓународни студии во Вашингтон ги претстави своите приоритети за иднината на НАТО и рече дека една од целите на следниот самит треба да биде и проширувањето на Алијансата, и покрај тоа што во моментов нема поддршка од сите земји членки за ова.
– НАТО покажа дека е приспособлива Алијанса, и одлуките донесени за неколкуте рунди на проширување го докажаа тоа. Ризикот кој НАТО го презема со приемот на источно-европските држави се покажа како исплатлив. Безбедноста на евро-атланската заедница значително се подобри со проширувањето на НАТО, но не смееме постигнатото да го земеме здраво за готово, бидејќи безбедноста бара постојана посветеност и подобрување. Оттаму, НАТО мора да остане активен, да наоѓа начини како уште повеќе да се поврзува со своите најпосветени и најсилни партнери. На самитот и во месеците кои доаѓаат, мораме да ја потврдиме посветеноста на НАТО дека неговите врати ќе останат отворени за нови членки, изјави Реинсалу, наведувајќи дека сака ова да биде еден од заклучоците на самитот во Њупорт во Велс.
Грција, која се противи на приемот на Македонија во НАТО, е главниот критичар на проширувањето на НАТО на следниот самит. На претходниот самит на НАТО, кој се одржа во Чикаго во 2012 година, Грција го попречи отворањето на прашањето за проширување, но и покрај тоа тогашниот државен секретар на САД Хилари Клинтон најави дека следниот
самит треба да биде самит на проширување. Покрај Македонија, и Црна Гора се наметнува како сериозен кандидат за прием во НАТО.
Естонија е една од земјите кои силно се заложуваа за прием на Украина во НАТО и во Европската Унија. По одлуката на Украина своите идни интеграции да ги гледа кон Русија, Реинсалу оцени дека Русија не бира средства за да ја прошири својата сфера на влијание, додека рокот во кој Западот можел да ги придобие поранешните советски републики на своја страна се намалува.
Реинсалу во своите коментари повика да не се намали американскиот ангажман во Европа, потсетувајќи дека САД на почетокот на минатата година го повлекоа својот последен тенк од Европа, каде држеа големи вооружени сили од крајот на Втората светска војна. Но, Реинсалу ги повика и европските држави да не дозволат НАТО да стане ирелевантен со постојаното намалување на парите за своите воени капацитети.
– Секретарот Хејгл упати јасна порака до Европа дека ова ниво на трошење на одбраната не е одржливо. Естонија е една од ретките држави во Европа која има ниско ниво на долг, балансиран буџет, и сепак успева да издвои два проценти од својот бруто домашен производ на одбрана, што претставува обврска на која сме се обврзале како членки на НАТО, но ретко кој ја почитува, изјави Реинсалу.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Метју Палмер во Сараево: Македонија може да стане членка на НАТО до средината на 2020 година
-
Пендаровски: Од јануари очекувам да бидеме на иста маса со НАТО
-
Не се очекува земјите од Алијансата да распоредат ново нуклеарно оружје во Европа
-
Захарова: НАТО му ветил на Горбачов дека нема да се шири кон исток