| четврток, 6 декември 2018 |

„Брима Галуп Интернешенл“: Третина македонски граѓани очекуваат подобра година од лани

skopje-645x310Повеќе од една третина македонски граѓани или 37 отсто очекуваат 2014 да биде подобра од 2013 година, 31 процент иста, а 26 отсто да биде полоша. Во однос на економскиот напредок речиси подеднакво се распределени очекувањата, близу половината се чувствуваат среќни, а 34 отсто се задоволни од местото на живеење и не би го смениле, покажуваат резултатите од истражувањето спроведено од „Брима“ членка на „Брима Галуп Интернешенл“ во рамки на глобалната студија насловена „Крајот на годината“  со која беа опфатени 65 земји, вклучувајќи ја и Македонија.

Во глобалната анкета биле интервјуирани 67.806 лица во периодот септември – декември 2013 година. Во Македонија спроведена е теренска анкета на репрезентативен примерок од 1.214 испитаници од 8 до 14 ноември 2013 година.

На глобално ниво речиси 50 проценти од испитаниците се оптимистички настроени за 2014 година споредено со 2013 и имаат попозитивен поглед во однос на економскиот просперитет. САД, Канада и Австралија се земји каде што луѓето би сакале да живеат доколку би имале можност. Америка се смета за најголема закана за мирот во светот, втор е Пакистан, а трета е Кина. Над една третина од анкетираните веруваат дека светот ќе биде подобро место за живеење ако имаше повеќе жени политичари.

narod[4]На прашањето дали се чувствуваат среќни на глобално ниво, 60 отсто од анкетираните изјавиле дека се среќни, 12 проценти несреќни и 26 ниту среќни ниту несреќни. Во Македонија околу половина од граѓаните или 47 проценти се изјасниле како среќни, осум отсто рекле дека се несреќни, а 43 проценти ниту среќни ниту несреќни.

Во врска со економскиот напредок за 2014 година очекувањата на граѓаните се скоро подеднакво распределени. На глобално ниво 33 отсто се изјаснуваат дека ситуацијата ќе остане иста, 32 отсто веруваат дека годинава ќе биде просперитетна, а 30 отсто, пак, дека ќе биде година на економски проблеми. Во Македонија 26 отсто од испитаниците сметаат дека годинава ќе биде година на економски просперитет, 33 отсто дека ќе биде со економски потешкотии, а 34 проценти се изјасниле дека ситуацијата ќе остане непроменета.

На светско ниво поголемиот дел од луѓето 38 проценти се изјасниле дека се среќни што живеат таму каде што се во моментот. Оваа бројка е иста со западноевропскиот регион каде 38 отсто од анкетираните одбрале да живеат таму каде што се. Во Македонија резултатите по ова прашање покажуваат дека сме близу до европскиот просек и кај нас изнесува 34 отсто. Оние пак што би сакале да живеат во други земји во светот САД се најпосакувана дестинација (9 проценти), Канада и Австралија се на второ место (7 проценти), а Швајцарија е трета (6 проценти). Македонските граѓани, пак, во најголем процент би сакале да живеат во Германија (16 проценти), следи Швајцарија (13 проценти), а во еднаков процент (6) како дестинација ги одбираат Австралија, САД и други земји.


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top