| четврток, 6 декември 2018 |

Утрински: Како скопјани се обидуваат да избегнат казна од пајакот?

bit pazar pajak

Скопјани често пати легнуваат врз шофершајбна, колабираат, се претставуваат како министерски братучеди, како директори, се соблекуваат по гаќи… Да се филмуваат, овие ситуации ќе можат да се искористат како инсерти во документарен филм „како да избегнеш казна од пајак“ во кој главните улоги ги толкуваат снаодливи граѓани и „пајаците“ на „Градски паркинг“ и на „Паркинзи на Општина Центар“, пишува Утрински.

„Некои се како родени за глума. Во моментот смислуваат начин како да ја одбегнат казната. Но, ништо не им помага. Секој прекршок го казнуваме, „пајакот“ е безмилосен, пред законот сите се исти“, тврдат од пајак-службите и на двете претпријатија.

Секојдневно слушаат секакви молби, но и закани и клетви од сопствениците на фатените возила. Велат дека сите, како по правило, ја почнуваат приказната со реченицата „ама паркирав само на 5 минути да купам нешто, како баш мене ме фативте“.

„Потоа љубезно молат да не им го подигаме возилото. Често се повикуваат на познанство со директорот или, пак, велат дека некој друг вработен во Пајак-службата им е добар пријател или роднина. Кога ќе видат дека се’ е залудно, тогаш убавите зборови се претвораат во пцости и клетви, а има и такви што се закануваат“, раскажуваат вработените во пајак-службите. Многумина од нив се сведоци на смешни ситуации кои, како што велат, никогаш нема да ги заборават.

„Се случи да кренеме возило паркирано во трева, а во него да ти имало човек. Кутриот заспал, а бидејќи возилото однатре беше замаглено, беше зима и темница, не видовме дека во него има некој. Дури кога веќе возилото го кренавме, тогаш заспаниот се освести и ‘пајакот‘ го ослободи“, се присетува еден од вработените во Пајак-службата на „Градски паркинг“.

Додава дека често се случува кога сопственикот на возилото ќе го затекне „пајакот“ во акција да влезе во него, да ги заклучи вратите и да одбие да излезе, мислејќи дека така ќе го спаси возилото.

„Во возилото седат и додека тоа е во воздух, но, кога ќе го спуштиме на приколката, гледаат дека се’ им е џабе. Ова најчесто го прават помладите“, велат од „Градски паркинг“.

Постои една шега меѓу вработените, а тоа е дека најинтересна смена е онаа што ги „лови“ автомобилите во вечерните часови, кога најчесто непрописно се паркираат младите што се излезени во град. „Младост – лудост, плус ако се поднапијат, тогаш гледаме се’ и сешто“, коментираат вработените.

Биле сведоци кога момче и девојка легнале врз автомобилот за да го спасат од кревање. „Едни, пак, беа паркирани пред кафуле и во моментот кога се подготвуваме да го кренеме возилото, истрчаа пред него и почнаа да прават стриптиз за да ни одвлечат внимание. Навистина беше смешна, но и непријатна ситуација. Имаше и момчиња и девојчиња, сите до еден беа пијани“, раскажува еден од вработените во Пајак-службата.

Омилена меѓу вработените е приказната кога повозрасен господин на улица во центарот на градот застанал пред „пајакот“ и почнал да се соблекува. Откако се соблекол и останал само по гаќи, легнал пред „пајакот“ и им рекол на вработените „Подобро згазете ме мене отколку да гледам како ми го земате возилото“.

А случка со кумановец кому му бил кренат автомобилот вработените ја прераскажуваат како една од најсмешните. „Го подигнавме возилото и ’пајакот‘ отиде да го однесе на депо. Јас останав на истото место да го чекам да се врати за да подигнеме и други автомобили кои беа тука паркирани. По кусо време дојде сопственикот на возилото и на цел глас праша ‘куде ми е бре авто’. Еден случаен минувач му рече дека, најверојатно, го собрал ’пајак‘. Кумановецот мртов сериозен искоментира’ па ја нисам дошја с муву, па пајак да га земе’“, се присетија во Пајак-службата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top