Учениците-Македонци од кичевската гимназија „Мирко Милевски“ веќе трет ден по ред не одат на настава во знак на револт поради претепувањето тројца нивни соученици од страна на ученици-Албанци, објави предмалку порталот МКД.МК
Инцидентот се случи во вторникот, кога тројца ученици-Македонци беа претепани од поголема група ученици-Албанци откако се обиделе да заштитат свои соученички, кои биле мета на навреди и дофрлувања од страна на Албанците. За настанот веднаш дознале учителите и веста брзо се проширила и кај родителите.
Во вторникот по инцидентот повеќе од 150 ученици-Македонци од прва до четврта година мирно протестираа во кругот на училиштето. Како што дознаваме, родителите на Македонците потпишале и петиција со која побарале од раководството на гимназијата писмено да им гарантира безбедност за нивните деца.
Од охридската полиција велат дека тензиите денеска се смирени и дека ќе преземат мерки против насилниците.
„Сите насилници се идентификувани и ние ќе преземеме санкции против нив. Колку што ми е мене познато, денеска состојбата е мирна и нема протести. За инцидентот се виновни неколку ученици-Албанци од трета година, кои ги нападнале и ги истепале учениците-Македонци само затоа што застанале во одбрана на своите соученички“, вели Стефан Димоски, портпарол на охридската полиција.
Засега не се знае до кога учениците-Македонци ќе ја бојкотираат наставата, но извори од Кичево велат дека е можно тие и во понеделник да не одат на училиште.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



