Ариел Шарон, поранешниот израелски премиер кој е во кома околу осум години, е на работ на смртта откако вчера вечер му откажаа бубрезите, пренесуваат болнички извори. Шарон имал влошување на состојбата пред неколку недели, бил итно опериран, но кога сите очекувале здравјето да се стабилизира, откажале бубрезите.
– Иако состојбата е лоша, не се часови во прашање“ – пренесува „Њујорк тајмс“ од болнички извори. 85-годишниот Шарон беше премиер на Израел од 2001 година. Четири години подоцна преживеа послаб мозочен удар, а во 2006 година тој претрпе уште еден, овој пат многу појак удар, по што падна во кома. Отогаш тој се наоѓа во состојба на вегетирање, не давајќи досега никакви знаци дека може да излезе од таквата состојба.
Архитектот на израелските населби во окупираните палестински територии го шокираше светот и неговите сопствени редови со целосното повлекување од Појасот Газа во 2005 година. Тој се откажа од Ликуд партија, којашто ја водеше како премиер, за да ја формира центристичката партија Кадима. Се верува дека пред ударот бил подготвен за понатамошни територијални отстапки да се воспостави палестинска држава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.