| четврток, 6 декември 2018 |

Богов очекува да продолжат позитивните движења во македонската економија

Dimitar-Bogov-1

Гувернерот на Народна банка на Македонија, Димитар Богов, очекува годинава да продолжат позитивните економски движења во македонската економија.

– Ако во 2013 година растот беше сконцентриран во неколку сектори од економијата, во 2014 година тој треба да се прошири во повеќе сектори во индустријата, кои што ќе имаат позитивен економски раст, а, исто така, растот би требало да го почувствуваат и во услужниот сектор кој ќе има бенефит од зголемена потрошувачка во 2014 година – вели Богов во интервју за Лидер. 

На прашањето дали може да се очекува дека во 2014 година  комерцијалните банки ќе го поддржат финансиски позначително бизнисот, тој вели:

– Секако, подобрениот економски амбиент по силниот економски раст којшто го очекуваме во 2014 година, како и закрепнувањето на европската економија, ќе услови еден многу подобар амбиент за кредитирање. Перцепцијата за ризиците коишто беа доста високи претходните две години кај банките ќе се промени и очекуваме тука да имаме поголема кредитна активност. Секако ќе останат некои од ограничувачките фактори коишто се поврзани со ситуацијата во банките во Европската унија кои што се најголеми инвеститори кај нас, но овие позитивни елементи ќе имаат свое влијание и кредитниот раст очекуваме да биде подинамичен во наредната година.

Според Богов, банкарскиот сектор е многу стабилен со висок капитал и висока ликвидност. Но, додава тој,  за подобрување на работењето на банкарскиот сектор е потребна консолидација.

– Имаме премногу банки, ние веќе тој процес го туркаме две години, ги охрабруваме банките на косолидација, па очекувам наредната година да ги видиме првите чекори во таа насока. Се водат многу разговори, но на крајот на краиштата одлуките секогаш се на акционерите, некогаш тие не завршуваат најсреќно и позитивно, но јас сум убеден дека наредната година ќе ги видиме првите резултати – коментира Богов.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top