Рускиот претседател, Владимир Путин, чија земја од денеска го презеде претседателството на Г-8, ги повика лидерите на овие осум земји да ја споделат одговорноста за идниот развој на настаните во светот.
Тој апелираше за изработка на детален и комплексен план за справување со најсериозните закани и ризици во светот, јави ИТАР-ТАСС.
Во изјавата, објавена на сајтот на руското претседателство со Г-8, Путин нагласува дека планот треба да го опфаќа целиот пат, од прогнозирањето и спречувањето на ризиците и заканите до нивно надминување при евентуалните негативни последици од нив.
Путин истакна дека изминатите години светот не станал побезбеден, туку посложен и за него се карактеристички незадоволството на граѓаните и насилството, економските проблеми, природните непогоди и еколошките катастрофи.
Тој нагласи дека проблемите на една држава или регион неизбежно се прошируваат на глобално ниво, а актуелните средства за антикризно реагирање не се доволно ефикасни.
Путин како приоритети на руското претседавање со Г-8 ги спомена борбата против трговијата со дрога, справувањето со тероризмот и ектремизмот, решавање на регионалните конфликти, создавање на глобален систем за управување со ризици, поврзани со природни и технолошки несреќи и унапредување на здравството.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.