| четврток, 6 декември 2018 |

„Љубојна“: Сета музика ја обединува Македонија во една душа

Музиката не се чува, ниту се негува како музејски експонат. Таа се свири, се изведува и се живее. Преку неа се зборува исто како и во говорниот јазик. Секој поинаков пристап кон музиката ја одвлекува во други води, надвор од музичките,вели Вера Милошевска

Составот „Љубојна“, кој најавтентично го пренесува пулсот на македонскиот мелос, го темели творештвото не само на сопственото слегување до „изворот“, туку и длабоко навлегува во она што се нарекува современа звуковност, вечерва уште еднаш ќе се претстави пред скопската публика. Вера Милошевска, вокал и Оливер Јосифовски, контрабасист и композитор, и ја даваат суштинската нијанса на музиката на „Љубојна“. Зад музичарите се крие богато музичко искуство и вештина предадена од мајстори на овој занает, кај некои од нив уште од најрани години како потомци на познати чалгаџии.
Станува збор за македонска музика од 21-от век, со сета нејзина страст, ентузијазам и енергија. Елегантна музика со жесток ритмички пулс. Допирајќи се до различни музички стилови, втемелена врз македонскиот бит, музиката е изговорена како универзален музички јазик, според антрополошкиот и космополитски код кој го носи во себе.
Вечерашниот концерт е насловен „Ljubojna Brass Fantasy“. Што ќе може да чуе публиката? Ќе ја изнанадите ли со нешто публиката или можеби Оливер, бидејќи тој вечерва го прославува својот роденден, а Вашиот беше само три дена порано?

-Вечерва публиката ќе може да се насладува на бисерите на нашата егејска македонска музика, како „Мори чупи Костурчанки“, „Твојте очи Лено“,„ Крена Мартината“ и многу други. Ќе може да заигра, да запее, да се радува, да плаче. Оваа прекрасна музика е наплив на сите чувства кои таа може да ги разбуди. Оваа брас сензација ја носи силата на македонската егејска музика во сиот нејзин раскош, коконски прикажана преку мојот ортодоксниот гламур на сцената и преку сета енергичност на дувачкиот оркестар. И овој и ланскиот концерт имаат совпаѓање со родендените на музичарите, да се надеваме дека со секоја стекната година ќе бидеме се поумни и поарни. И нема да биде изненздување, ако ви кажам дека ќе има изненадување…

Стани жено, кај ме ставија во ова тесно, срцето ми игра, Браво Љубојна, душата ми ја наполнивте, Е, седи ли се на столче кога труби ќе засвират, па уште и егејска музика, браво костурчанки… Ова се само мал дел од бројните реакции кои можеа да се слушнат на минатиот концерт. Загрме Универзална сала. Во публиката имаше насолзени очи и голтањето кнедли.…се чинеше дека салата ќе препукне од емоциите на присутните. Ја добивате ли таа енергија додека сте на сцена?

-Ја чувствувам и најмалата искра и трепет на публиката и со задоволство ја делам сцената со неа. Дури и кога со „кнедла“ во грлото сите занемено седат, јас ја слушам нивната внатрешна пулсација. Секој пат инсистирам да ја разбудат сопствената заспана радост, дека нема ништо непријатно или засрамувачки во тоа човек да се развесели од срце. На тоа публиката ми враќа со двојно повеќе емоција, како што впрочем се случуваше на претходните „Brass Fantasy“ концерти.

 Со „Мори чупи костурчанки, Крена мартината, „Твоите очи Лено“… го допревте музичкото творештво на беломорците. Според Вас каква е егејската песна за разлика од музиката од другиот дел на Македонија? Постои ли разлика?

-Сета музика во Македонија ја обединува една душа, но секој стил има сопствена изразна форма. Музиката од „Brass Fantasy“ е интересерн универзален код, таа е лирична колку што е химнична, континентална коллку и средоземноморска и тоа ја прави единствена и голема.

Сметате ли дека доволно ја чуваме и ја негуваме нашата музика?

-Музиката не се чува, ниту се негува како музејски експонат. Таа се свири, се изведува и се живее. Преку неа се зборува исто како и во говорниот јазик. Секој поинаков пристап кон музиката ја одвлекува во други води, надвор од музичките. Сметам дека не се познава доволно јазикот на македонската музичка автентичност за да кажеме дека барем доволно се свири.

„Љубојна“со години го пренесува пулсот на македонскиот мелос и страсно ја свири македонската музика во сите нејзини форми. Како ја доживувате Вие музиката? Што претставува таа за вас?

-Мојот живот и мој мелем. Незмислив е животот без неа, бидејќи таа е во сите негови сегменти. Музиката е исто така и мој спокој. Музика се и моите растрчани, весели и бучни  две деца. Но, пред се таа е едно огромно море на непознати предели кои допрва треба да се спознаат и да ме изненадат.

Ве нарекуваат наследничка на Вања Лазарова. Всушност Вие сте ученичка на Вања, кажете ни на кои тајни ве научи таа? Како ја паметите?

-Вања, тетка Вања, никогаш немаше улога на тутор, во тоа е и големината не на школскиот, ами традиционалниот начин на пренесување знаење, без наметнување, со многу слушање и сведочејќи ја музиката во реалниот живот без илузионистички или кабинетски пристап кон неа. Од Вања Лазарова научив дека пеењето е состојба на душата.

Љубојна стои зад повеќе театарски проекти: претстави, балет, перформанси, прави музика за филмови…Што за вас е најголем предизвик кога станува збор за музиката? Кој жанр?

-Секој нов жанр е предизвик и ново истражување. Секој бара нов пристап, особено што наменската музика најчесто опфаќа и други протагонисти и е покомплексна, како на пример во театарот или филмот. Но, морам да признаам дека најсвоја сум кога сум на сцена.

Името на составот е кованица од два збора: љубов и бој, а значи истовремено антагонисти и љубовници. Како дојдовте на идеја за вакво име?

-Заради самата опстојба на сцена која те тера да си го обезбедиш своето точно место на неа, ни повеќе, ни помалку. Сцената е љубојно поле во буквална смисла на зборот. Да се роди музика на сцена е еднакво на тоа да се роди дете од љубов за која што си се изборил.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top