| четврток, 6 декември 2018 |

Македонскиот културен центар во Њујорк предизвик за уметниците

И покрај концентрацијата на врвни уметници кои секојдневно настапуваат во Големото Јаболко, публика има за секого и за се’. Во тоа се состои неговото волшебство, вели пијанистката Дуња Иванова

И оваа година во Македонскиот културен центар во Њујорк, познат уште и како Gallery MC, со поддршка на Министерството за култура успешно се реализираа проекти на македонски уметници, со што продолжува традицијата на континуирано претставување на македонската култура во една од најважните светски културни метрополи.

Досега во Центарот кој претставува простор за презентации и промоција на македонската современа култура, но и место за размена на искуства и соработка меѓу уметниците, со поддршка на Министерството за култура реализирани се над 100 проекти. Реализацијата на овие проекти е потврда дека Македонскиот културен центар во Њујорк продолжува со традицијата на континуирано претставување на македонската култура во една од најважните светски културни метрополи.

-Од музичката програма со целовечерни концерти во Њујорк се претставија пијанистката Ана Гацева  со изведба на дела од македонски и странски автори, како и пијано концертот на пијанистката Ема Потевска. Концертии одржаа и ансамблот „Мелоритам од Балканот“ и „Скопскиот Дувачки квинтет“ кој успешно се претстави и во Bohemian National Hall по повод одбележувањето на 20 годишнината од приемот на Република Македонија во Обединетите Нации. Од музичките настани голем интерес предизвикаа концертите на Дуке Бојаџиев и Васко Дуковски. Македонската ликовна сцена во Македонскиот културен центар во Њујорк беше претставена со изложбите на ликовните уметници Благојче Наумовски Бане, Џелил Руфати, Нафи Јашари и Решат Амети, како и младите Нухи Зејнулах и Бурим Укиќ. Особено големо внимание во јавноста предизвикаа проектот на Роберт Јанкуловски и Моника Мотеска „NATURA MORTA“,  и изложбата „Македонски фолклор“ на веќе докажаниот македонски уметник Гордана Вренцоска, велат од Министерството за култура. Во галерискиот простор на Македонскиот културен центар во Њујорк , САД, се одржа изложбата „Арс Акта 001“ на Борис Шемов, Игор Сековски и Радмила Ончевска. Изложбата предизвика голем интерес и внимание кај њујоршката културна јавност.

Овој месец таму настапи пијанистката Дуња Иванова.

– Њујорк за мене овозможи сосема поинакво доживување на нештата, ме пренесе во една друга димензија…па не попусто го нарекуваат „центарот на светот“. Концертот кој беше во организација на „MC Galerry“ се одржа во самиот галериски простор, во камерна атмосфера каква впрочем и соодветствува со програмата со која настапив. Во Њујорк, кога станува збор за музиката па и за уметноста воопшто, има буквално се! Сепак, интересот за концерти, за изложби, за перформанси не стивнува. И покрај концентрацијата на врвни уметници кои секојдневно настапуваат во Големото Јаболко, публика има за секого и за се’. Во тоа се состои неговото волшебство, вели Дуња.

Македонскиот културен центар во Њујорк, пред американската или поточно пред њујоршката јавност се води како Gallery MC поради карактерот и обликот на настаните со кои се бави. Центарот беше отворен на улицата 52, на Менхетн, во Њујорк, во септември, 2004 година, со манифестацијата „Презентација на културата на Република Македонија во Њујорк“. На 500 квадратни метри, на еден кат од зграда беа промовирани две галерии, канцеларии и соби за престој на гости кои ќе настапуваат во Центарот. Почна со работа веднаш потоа, а основан е од непрофитната корпорација на Невенка и Владо Ивановски и Горазд Поповски, Македонци кои живеат во Америка. Идејата е да се презентира, поддржува и промовира уметноста и културата на Македонија, но и да служи како канцеларија за врски со САД.

Дарко Багески и Маријана Николовска исто така настапија во овој простор.

-Концертот во Њујорк беше предизвик уште пред да се отиде во Големото Јаболко…иако не бевме свесни во каков град ќе престојуваме…Впечатоците се фасцинантни од секој аспект, а највеќе од културолошки. Се помина во добра атмосфера. Имавме одлична изведба, а реакцијата на публиката беше многу позитивна, бидејќи дел од програмата содржеше композиции во кои преовладуваа мотиви од нашиот македонски фолклор. Во склоп на програмата покрај делата за соло гитара од композиторите J.M.Mertz, D.Reis и J.Jovicic, за прв пат беше изведено делото за гитара и оркестар од Мауро Џулијани  „Grand Concerto“ op.35 во A-Dur, кое беше моја долгогодишна желба и предизвик да го отсвирам. Настапивме заедно со Маријана Николовска која ме придружуваше на пијано. Имавме одлична соработка, а воедно ни беше и инспирација првата изведба да биде токму во Њујорк.  Во делот од програмата исто така имаше и импровизации на македонските бисери „Јовано, Јованке“, „Елено ќерко Елено“ и други, вели Багески. Престојот го искористиле и за посета на Метрополитен операта, Њујоршката Филхармонија, училиштето „Џулијард“, каде се изучува музика и балет итн.

-Овие впечатоци ќе ги паметиме до крајот на животот, а воедно ќе ни бидат инспирација за да работиме повеќе, да се докажуваме пред светот и да ја промовираме нашата култура најдобро што можеме, вели Дарко.

Токму со отворањето на македонскиот културен центар во Њујорк почна процесот на отворање македонски културни центри. Центарот во првите четири месеци од своето постоење понуди повеќе разновидни содржини, кои презентираа разни аспекти на Македонија, почнувајќи од нејзиниот креативен потенцијал, па се до македонската храна и пијалаци. Иако наменет, пред се, за презентација на македонската култура, Центарот во Њујорк беше домаќин и на изложба на скулптури на азербејџанскиот уметник Ага Усеинов и на рецитали на неколку музичари од Европа.

Горазд Попоски, директорот на Gallery MC, вели дека токму карактерот на просторот ја налага и програмата на Центарот, иако во него досега се случиле голем број на претставувања и од другите уметнички сфери како музиката, филмот, видеото…

-За настаните кои бараат поинаков амбиент, изнајмуваме други простори. Досега сме поставувале филмови во неколку кино сали, театарски претстави се случиле во „Ensemble Studio Theatre“ што се наоѓа во истата зграда со МЦ, потоа балетски претстави во салата во „Greenwich Village“ итн. Локацијата зависи од типот на настанот, но најмногу од финансиите. Македонското Министерство за култура ги помага настаните што се одвиваат кај нас, но и на други локации, вели Попоски.

Македонскиот културен центар во Њујорк има тенденција да реализира гостувања на што поголем број уметници и од другите уметнички сфери, не само од ликовната, поради тоа што, истакнува Попоски, тие привлекуваат и поинаков вид на публика.

-Особено музичките настани се интересни за јавноста, каков што беше концертот на Триото „Тавитјан Брадрс“ кој помина одлично. Имаше разновидна публика и за нас многу нови гости. На концертот присуствуваше и џез-пејачката Розен Витро, потоа Џеф Левенсон, менаџерот на „Blue Note“ и на најпознатата издавачка куќа во САД „Half Note“. Браќата Тавитјан ги воодушевија гостите, а мислам дека и самите музичари беа задоволни. Концертот во Њујорк за нив беше одличен повод да го видат градот, да стекнат ново знаење и искуство, да се запознаат со работата на музичките куќи и клубови во градот. Тоа е всушност и нашата мисија – македонски уметници да соработуваат, да ги споделат знаењата со креативците од Њујорк, вели Поповски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top