| четврток, 6 декември 2018 |

Уживање за Перо Антиќ, за Нова година на натпревар со легендарниот клуб Бостон селтикс

Вистинско уживање за Перо Антиќ е новогодишното гостување во Бостон и настапот против легендарниот тим на Бостон селтикс во една од само двете сали во НБА каде што се игра на паркет. И во „ТД Гарден“, како и претходно во легендарната „Бостон  гарден“, има поставено паркет поради огромната традиција и навика на Селтикс да играат на таква подлога.

Вечерва од 19 часот македонскиот репрезентативец со Атланта хоукс ќе игра против популарните „келти“, тим што е најтрофеен по бројот на титули во НБА-лигата, со 17 шампионски прстени.

Богата историја со мноштво кошаркарски митови, легенди од калибарот на Ред Оербах, Боб Кузи, Бил Расел, Лери Бирд, Периш, Мекхејл и уште многу други легенди на НБА, се дел од Бостон селтикс и настапот против тој тим има посебен шмек. Добрите познавачи на НБА-лигата велат дека настап против Бостон селтикс и Лос Анџелес лејкерс на гости и меч во Њујорк во „Медисон сквер гарден“ е комплетно исполнување на сонот за најсилната кошаркарска лига на планетата.

Антиќ играше во Холивуд против Лос Анџелес, гостуваше и во „Медисон сквер гарден“ во Њујорк, па вечерва со настап против Бостон ја комплетира најпосакуваната НБА-тура.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top