| четврток, 6 декември 2018 |

200 велешани во јануари почнуваат со работа во „Дрекслмаер“

drekselmaer

„Дрекслмаер“ почна со избор на првите 200 велешани што ќе бидат вработени во компанијата, а до крајот на 2014 година е планирано 1.000 велешани да работат во фабриката во Кавадарци.

Наредната година Велес, сигурно, ќе ја почне со 200 невработени помалку. Толку лица во средината на јануари ќе почнат да работат во „Дрекслмаер“, јави порталот „Лисица“.

Со денешното тестирање на првите 45 апликанти почна процесот на првото групно вработување. Во Агенцијата за вработување во Велес на повикот за вработување апликации доставиле 750 лица.

– Денешниов ден е неработен, но тој треба да биде првиот работен за невработените што аплицирале за вработување во „Дрекслмаер“. Велес за првпат ќе почне да вработува луѓе во поголема група и тоа граѓани што имаат проблеми со егзистенцијата – рече Влатко Поповски, директорот на Агенција за вработување.

Работодавецот не побрал исполнување посебни услови за вработување. Жените се во предност, посебно тие што работеле во конфекциската индустрија. За невработените тестовите биле лесни, со условите за работа и самата работа се запознале од презентацијата, сега очекуваат само позитивен одговор, дека го добиле работното место.

„Очекувам искрено конечно да се вработам, немам работно искуство, ама мислам дека лесно ќе научам и добро ќе се вклопам во работата, сакам да работам, сум аплицирал на многу конкурси ама ајде може среќата ми е да работам во Кавадарци“.
„Јас сум самохрана мајка и сакам да работам, две години сум без работа, тешко е, сакам да бидам во тие 200 што од 15 јануари ќе почне со работа“.

„Осум години сум невработен, имам завршено средно електро во ’Коле Неделковски‘, очекувам и сакам да се вработам“, велат случајно анкетираните велешани.

За локалната самоуправа ова е потврда дека економски Велес заживува. Во моментов покрај овие 200 вработувања активни се огласи за уште 65 слободни места.

– Апелирам до велешани да конкурираат за сите објавени работни места од овој проект, но и од сите наредни и кон крајот на наредната година заедно да констатираме дека бројката на невработени во Велес е намалена за 10 проценти – рече Славчо Чадиев, градоначалник на Велес.

Според утврдената динамика, до крајот на 2014 година, околу 1000 велешани треба да бидат вработени во „Дрекслмаер“, ако се земат предвид и 600 нови работни места во фабриката, која германскиот инвеститор ќе ја гради во индустриската зона „Караслари“ сигурно е дека бројката на активни баратели на работа ќе се преполови.

Во моментов, според објавените податоци на веб-страницата на Агенцијата во Велес, бројот на невработени што активно бараат работа е околу 3.000, со тие што се евидентирани како неактивни, вкупниот број е нешто помалку од 10.000 невработени работоспособни лица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top