Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, денеска приреди новогодишен прием за децата на припадниците на Армијата на Република Македонија, кои служат во мировните мисии ИСАФ и АЛТЕА.
Шефот на државата им подари на децата новогодишни пакетчиња и им посака Новата година да им биде исполнета со многу здравје, среќа, успех во учењето и радосни детски денови.
Во оваа прилика беше воспоставена и видео врска со македонските мировници во Кабул и Сараево, при што децата имаа можност да ги поздрават своите родители.
Претседателот Иванов на припадниците на АРМ во мисиите ИСАФ и АЛТЕА им ги честита новогодишните и божикните празници, го поздрави нивниот професионализам и посветеност во извршување на должноста, и им посака многу здравје, среќа и уште поголем успех идната година.
Македонските мировници се заблагодарија за упатените честитки од претседателот и врховен командант на вооружените сили и воедно ги честитаа новогодишните и божикните празници.
Мисијата и довербата која ни ја доверивте ќе ја завршиме успешно, порачаа мировниците од мисијата ИСАФ во име на целиот контингент со желби за среќа, здравје и натамошни успеси во Новата година.
И припадниците на мисијата АЛТЕА во Сараево му ја честитаа Новата година на претседателот, на сите припадници на АРМ и на сите граѓани на Република Македонија и истакнаа дека македонскиот контингент стручно, најсовесно и одговорно ги извршува сите задачи кои произлегуваат од мисијата.
На приемот присуствуваше и началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-мајор Горанчо Котески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




