| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов им подари пакетчиња на децата на македонските мировници

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, денеска приреди новогодишен прием за децата на припадниците на Армијата на Република Македонија, кои служат во мировните мисии ИСАФ и АЛТЕА.

ivanov-paketce3

 

Шефот на државата им подари на децата новогодишни пакетчиња и им посака Новата година да им биде исполнета со многу здравје, среќа, успех во учењето и радосни детски денови.

Во оваа прилика беше воспоставена и видео врска со македонските мировници во Кабул и Сараево, при што децата имаа можност да ги поздрават своите родители.

Претседателот Иванов на припадниците на АРМ во мисиите ИСАФ и АЛТЕА им ги честита новогодишните и божикните празници, го поздрави нивниот професионализам и посветеност во извршување на должноста, и им посака многу здравје, среќа и уште поголем успех идната година.

Македонските мировници се заблагодарија за упатените честитки од претседателот и врховен командант на вооружените сили и воедно ги честитаа новогодишните и божикните празници.

ivanov-paketce

 Мисијата и довербата која ни ја доверивте ќе ја завршиме успешно, порачаа мировниците од мисијата ИСАФ во име на целиот контингент со желби за среќа, здравје и натамошни успеси во Новата година.

И припадниците на мисијата АЛТЕА во Сараево му ја честитаа Новата година на претседателот, на сите припадници на АРМ и на сите граѓани на Република Македонија и истакнаа дека македонскиот контингент стручно, најсовесно и одговорно ги извршува сите задачи кои произлегуваат од мисијата.

На приемот присуствуваше и началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-мајор Горанчо Котески.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top