Перо Антиќ воопшто и не бил во комбинација да го изведе последниот удар во регуларниот дел против Шарлот бобкетс, но македонскиот кошаркар ја презеде одговорноста и од невозможна ситуација, погоди на наверојатно атрактивен начин. На 3,1 секунда до крајот, сосема надвор од баланс, заглавен во самиот агол од теренот, Перо успеа да се извлече и да упати прецизен шут на една нога, за спас на Атланта хоукс и израмнување на 101-101.
„Перо воопшто не беше во комбинација да го упати последниот удар. Но, кошаркарите на Шарлот, поставија одлична одбрана, а ние имавме и голема доза на среќа. Понекогаш и тоа е потребно за успех. Перо е ѓаволски добар кошаркар и шутер. Тој има оригинални потези и решенија во играта“, изјави тренерот на Хоукс, Мајк Баденхолцер.
Соиграчот на Антиќ, Мајк Скот, објасни дека Перо постојано на тренинзите шутира на сличен начин, а предвиде, што и не беше многу тешко, дека тројката на македонскиот репрезентативец ќе се најде во Топ-10 најатрактивни моменти во НБА, за синоќешната програма. Пред Антиќ кој беше на втората позиција, се најде само Крис Бош од Мајами, со тројка за победа на 0,5 секунди до крајот на мечот против Портланд.
„Луѓето не знаат дека Перо постојано на тренинзите практикува да шутира на тој начин. Сепак не ми се веруваше дека ќе погоди на официјален меч. Тоа беше потполно луд шут и верувам дека ќе се најде во Топ-10“, изјави Скот.
Антиќ и вечерва ќе игра за Атланта на гостувањето против Орландо меџик.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.