| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: СДСМ сами си предлагаа и гласаа судии

Дали е судството идеално или на степен на кој треба да бидеме задоволни или презадоволни одговорот е не. Дали има значително подобрување? Одговорот е да.

Вака премиерот Груевски ја оцени денешната состојба на македонскиот судски систем.

Тој потенцира дека за време на 90-тите години СДСМ изгласал 300 судии без каков било збор, а денес судиите се избираат од стручни лица.

– Ако се спореди судството во деведесеттите, кога судиите се избираа лично од партиите во парламентот… Јас ќе ве потсетам, некаде 1995-1996 кога немаше ни опозиција во парламентот, СДСМ изгласа околу 300 судии без кој било да земе збор бидејќи немаше опозиција. Сами ги предлагаа и ги гласаа. А и кога имало опозиција, опозицијата нешто говорела, партиите си ги избирале судиите. Да не заборавиме дека до пред некоја година, до пред 7 или 10 години, судиите што денес се судии ги избираа партиите во парламентот. Најотворено и најтранспарентно си ги избираа во парламентот. Си ги договарале претходно некаде, веројатно во партијата. И си гласа и си ги избираа во парламентот. Пратениците, партиите избираа судии. И сега Вие ме прашувате за тие судии дали се добро одбрани. Што ги одбрале самите пратеници во парламентот, односно владејачкото мнозинство. Кој им бил критериумот за избор, можеме само да замислиме – одговори Груевски на прашањето на МРТ.

Сега има еден нов модел, којшто, исто така, не е идеален, вели тој, но е доста подобар од претходниот. Подобар е затоа што сега има судски совет, каде што мнозинството членови се судии избрани на тајно гласање од самите судии, заклучи тој.


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top