| четврток, 6 декември 2018 |

Трајановски: Успешна година за Скопје, во 2014 година очекуваме трамвај и лунапарк

Градот Скопје заврши успешна година. Реализиравме голем број проекти од повеќе сфери на урбаното живеење и од надлежностите, истакна градоначалникот Коце Трајановски на денешната предновогодишна средба со претставници на медиумите, на која го презентираше сработеното во изминатата и најави дел од палнираните активности за 2014 година. Градскиот татко е оптимист дека тендерите за лунапаркот и трамвајот во Скопје ќе бидат успешни, а ски-патеката на Водно ќе почне да се гради најдоцна до почетокот на 2015 година.

– Најинтензивно работевме на намалување на сообраќајниот метеж и на проширување на клучни сообраќајници што секојдневно опслужуваат илјадници луѓе. Го проширивме и реконструиравме третиот дел од булеварот Илинден, во Карпош 3, со што сложениот проект за пробивање на овој значаен булевар доби успешна завршница. Успешно ја проширивме и втората делница од булеварот Борис Трајковски (поранешната улица Првомајска), на потегот од крстосницата со булеварот Србија до влезот во поранешната фабрика „Стакларница“. Улиците Лазо Трповски и Втора македонска бригада ги поврза кружен тек, а без застој се работи и на проширувањето на улицата Трета македонска бригада. Ги решивме и долгогодишните проблеми на жителите на Инџиково, Јурумлери, Гоце Делчев и Трубарево со септичките јами, вложивме во изградба на нова фекална мрежа. Градевме и нови водоводни мрежи и атмосферска канализација. На повеќе локации во градот поставивме подземни контејнери, со што Градот Скопје активно придонесе за подигнување на јавната свест за селекција на отпадот од домаќинствата и за намалување на отпадот што завршува на депонијата „Дрисла“ – истакна Трајановски.

Тој потсети дека во 2013 година Јавното сообраќајно претпријатие целосно го обнови својот возен парк.

– Благодарејќи на добрата соработка на Град Скопје со Владата на Република Македонија, на градските улици сега сообраќаат вкупно 312 нови автобуси, од кои 80 се нископодни, 215 се двокатни, а 16 се минибуси. За заложбите на Градот Скопје за обнова на градските автобуси, за промоција на алтернативните видови транспорт и за доближувањето на убавините на Скопје до сите посетители Градот Скопје доби и меѓународно признание, престижната награда City Trophy, што ја доделува Меѓународната унија за патен транспорт (ИРУ). Во знак на поддршка на крводарителите опремивме Центар за дарување крв во Домот „Даре Џамбаз“, а поставивме и лифт и лифтовска платформа за лицата со посебни потреби во средното училиште „Арсени Јовков“, за сите ученици да добијат еднаков пристап до образовниот процес. За обнова на училишните згради на сите 21 средно училиште што се во надлежност на Градот Скопје вложивме 47 милиони денари. Средните училишта „Георги Димитров“ и „Здравко Цветковски“ почнаа да се греат на гас, со што Градот Скопје ја потврди заложбата за енергетски ефикасни училишта и јавни институции. И во текот на годинава Град Скопје работеше на збогатување на зеленилото и на уредување нови зелени површини. Ги обновивме дрворедите по должината на булеварите, а паркот „Македонија“ и 2аркот на 100 дрвја“ понудија нови зелени катчиња за рекреација. Во просториите на градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ја опремивме и отворивме за посетителите Спомен-собата на браќата Миладиновци, а го финансиравме и издавањето на Зборникот на браќата Миладиновци, на албански јазик, истакна градоначалникот Трајановски во излагањето за активностите реализирани во 2013 година – додаде градскиот татко.

За наредната 2014 година тој најави проширување на булеварите „Митрополит Теодосиј Гологанов“ од „Алумина“ до улица Московска и „Христијан Тодоровски Карпош“ од улицата „Џон Кенеди“ до зградата на општината Чаир, продолжување на „Партизански одреди“ кон Ѓорче Петров, проширување повеќе улици, водоснабдителни системи. За реконструкција на училишните објекти информира дека ќе се издвојат  40 милиони денари, а ќе се гасифицијаарт уште две средни училишта во градот.

– Во мај наредната година треба целосно да биде пуштен Центарот за контрола на сообраќајот, да заврши проектот за поставување на автобуските постојки, а ќе бидат распишани и нови тендери за трамвај во Скопје и за изградба на лунапарк – рече Трајановски.

Во текот на 2014 година Град Скопје, како што истакна, ќе финансира и проекти од други области, како и традиционални манифестации.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top