| четврток, 6 декември 2018 |

Турција: Двајца министри поднесоа оставка поради корупцискиот скандал

Турскиот министер за економија и министерот за внатрешни работи денеска поднесоа оставка на функциите поради корупцискиот скандал.

Според турски медиуми, министерот за економија Зафер Чаглајан и министерот за внатрешни работи, Муамер Ѓулер, поднесоа оставки денеска. Синот на Чаглајан – Салих Кан Чаглајан и синот на Ѓулер – Бариш Ѓулер се меѓу луѓето уапсени минатата недела во антикорупциска операција.

Чаглајан во писмената оставка поднесена утрово наведува дека истрагата е „заговор“ против Турција и владејачката Партија на правдата и развојот.

– Ја напуштам функцијата за да може, конечно, да станат појасни нештата околу таа нечесна операција насочена против нашата Влада – нагласува тој.

Дваесет и четири луѓе меѓу кои и синовите на министрите за економија и за внатрешни работи беа уапсени минатата недела заради сомненија за голем финансиски скандал. Уапсен е и директорот на „Халкбанк“, кај кого, според полицијата, биле пронајдени повеќе од 4,5 милиони долари скриени во кутии за чевли.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top