| четврток, 6 декември 2018 |

Подготовките за прославата на Бадник 2014 се готови

бадникови

Традиционално, на 22 декември на падините на Водно,  во местото Говрлевска Краста, каде што се наоѓа бадникарската шума, ќе се берат бадниковите гранчиња што бесплатно ќе се раздават на скопјани на 6 јануари, пред платото на Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје.

Од организацискиот одбор потврдуваат дека подготовките за прославата се готови. Во пријатна и весела атмосфера, на чист воздух годинашниот Кум на Бадник 2014 година, Методија Стефановски, свечено ќе пресече бадниково гранче, симбол на среќата,  сонцето и на животот. Тоа ќе го стори и здравичарот Владимир Плавевски.

На средбата се очекува присуство на стариот кум и здравичар, некокумина поранешни кумови и здравичари, на градоначалникот на Скопје, на претставници на Општината Сопиште, странски дипломати, свештени лица од МПЦ, претставници на естрадата, граѓани и добронамерници.

„Уште еднаш ќе бликнат радост и среќа со бадниковото гранче, нафората и голтката топла ракија, во пресрет на Бадник и во предвечерјето на најголемиот христијански празник Божик. Кумот за Бадник 2014 со пајтон ќе замине со преодниот ќуп, откако ќе прими благослов од поглаварот на МПЦ г.г. Стефан, поздравен од своите сограѓани, задоволни што нивниот град негува уште една убава традиција“, се вели во соопштението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top