| четврток, 6 декември 2018 |

Ховит: Разочаран сум

hovit-500

Не запира разочарувањето кај пратениците во Европскиот парламент од новата блокада на почеток на преговорите на Македонија за членство во Европската унија од страна на Советот на ЕУ, јавува дописникот на МИА од Брисел.

По острата реакција на европратениците Едвард Кукан и Никола Вуљаниќ за новото неоправдано грчко вето на македонските интеграции, со реакција се јави и известувачот за нашата земја од Европарламентот, Ричард Ховит.

Според британскиот европратеник, министрите за надворешни рбаоти на ЕУ-земјите не биле во право што повторно ја оставија на страна одлуката да и доделат пристапни преговори со Скопје (како што тој не условува) за уште дополнителни 12 месеци.

– Јас повикав минимум барем на повторување на ланскиот договор за понатамошно разгледување на статусот на земјата во рок од шест месеци и природно е што сум разочаран што Советот не го направи тоа, оставајќи се себе си отворен за обвинување за постојаното назадување. Советот ја пофали елиминацијата на судскиот застој во земјата и континуираната борба против корупција, но она што е потребно не е фалба, туку напредок, вели Ховит

Според британскиот европратеник, сепак, во заклучоците на Советот за општи работи се забележува дека Советот ја дели оценката на Европската комисија дека земјата доволно ги исполнува политичките критериуми во однос на проширувањето на Унијата.

– Сепак, земјите-членки на ЕУ сега посочија експлицитни области каде тие повикуваат за напредок и ги повикувам сите во земјата да најдат начин за исполнување на овој предизвик. Па, 2014 година не треба да биде уште една изгубена година за европските амбиции, предупредува Ричард Ховит.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top