| четврток, 6 декември 2018 |

Вељановски во Вашингтон: Македонија пример во регионот

Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски вчера во Вашингтон имаше средби со поголем број влијателни американски конгресмени, како и претставници на фондации и организации

101963617
Вељаноски, кој е на чело на делегацијата на Собранието која денеска присуствува на традиционалниот Молитвен појадок под покровителство на претседателот на САД Барак Обама, се сретна со конгресменот Дејвид Прајс, претседател на Комисијата за поддршка на демократијата. Оваа Комисија е задолжена да соработува со 16 држави од Европа и од светот, за промовирање на демократските реформи.

– Имаме партнерство кое трае веќе седум години со Собранието на Република Македонија, како клучна демократија во балканскиот регион, и како демократска земја за која знаеме дека може да биде и ќе биде пример за другите земји во регионот. Сметаме дека ова е интензивна и продуктивна соработка и навистина ни е драго да ја обновиме со средби од овој вид, изјави Прајс по средбата со Вељаноски и пратениците Владимир Ѓорчев и Александар Спасеновски.

На средбата со Прајс, делегацијата на македонското Собрание разговараше формирањето на Парламентарниот институт во македонското Собрание, проект кој се развива со поддршка на Комисијата со која претседава Прајс, инаку демократски конгресмен од Северна Каролина. Парламентарниот институт, кој треба да почне со работа во втората половина на годинава, ќе биде задолжен да врши професионална анализа и да им дава поддршка на пратениците при подготовката на предлог – законите во македонското Собрание.

Вељаноски се сретна и со неодамна именуваниот претседател на влијателната Комисијата за надворешна политика на американскиот Претставнички дом, Ед Ројс. Вељаноски и Ројс разговараа за спорот меѓу Македонија и Грција, како и за неодамнешните средби на Вељаноски со генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун и претседателот на Генералното Собрание на ОН Вук Јеремиќ. Вељаноски ја истакна потребата од постојан ангажман на САД за интегрирање на државите од балканскиот регион во Европската Унија и во НАТО. Вељаноски на Ројс, кој е републикански конгресмен од Калифорнија, му ги претстави и реформите спроведени во Македонија за економски развој и привлекување на странски инвестиции, вклучително и од САД.

На средбата со конгресменот Питер Роскам, претседателот на Собранието Вељаноски истакна дека за решавање на отворените спорни прашања, како што е спорот за името, е неопходна волја од двете страни и отворен и искрен пристап. Вељаноски и Роскам изразиле надеж дека при македонскиот прием во НАТО ќе важат правилата како и за другите земји – кандидатки. Роскам, републиканец од Илиноис и заменик шеф на републиканската пратеничка група, потенцирал дека Македонија и САД меѓу себе треба да ги споделуваат заедничките вредности како што се слободата, слободата на изразувањето и почитувањето на религиите и културите. Конгресменот Роскам ја истакнал потребата од постојано негување на вредностите и духовното наследство, како услов за одржливоста во развојот на било која земја.

Вељаноски имаше и заедничка средба со републиканскиот конгресмен од Вирџинија Френк Вулф, кој е влијателен глас во областа на надворешната политика и со Тони Хал, поранешен демократски конгресмен од Охајо и амбасадор на САД во Агенцијата за храна и земјоделство на ОН, двајцата добри познавачи на Македонија. На средбата станало збор за спорот за името, при што била истакната ирационалноста на ова прашање.

Вељаноски се сретна и со доскорешниот сенатор Џим ДеМинт, кој е нов претседател на фондацијата Херитиџ, еден од најголемите конзервативни институти во Вашингтон во чии анализи се промовира потребата од прием на Македонија во НАТО. Вељаноски се заблагодари на ДеМинт за поддршката што оваа фондација ја дава за реализирањето на членството во НАТО, од кое, како што кажа, ќе произлезе поголема стабилност во регионот и подобрување на животот на македонските граѓани преку подобар економски развој. ДеМинт изрази убеденост дека САД остануваат силни поддржувачи на Македонија и оцени дека Македонија преземала многу храбри и решителни чекори на својот пат.

На средбата со претседателот на Националниот демократски институт Кенет Волак и директорот на НДИ за Централна и Источна Европа Роберт Бенџамин беше истакната досегашната успешна соработка со Собранието на Република Македонија. Тема на разговор беше учеството на НДИ во финализирањето на проектот за формирање на Парламентарниот институт на македонското Собрание. Вељаноски и Волак разговааа и за актуелната состојба во македонското Собрание, при што Вељаноски ја истакна потребата од надминување на разликите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top