Регистрацијата на фирми од февруари следната година ќе се врши само по електронски пат. Измените се подготвени и треба да се достават до Владата до крајот на овој месец.
Директорот на Централниот регистар на Република Македонија, Ванчо Костадиновски, истакна дека до тогаш ќе има и доволен број регистрациски агенти преку кои може да се врши регистрацијата на фирма за нула денари.
Годинава се отворени 6.247 компании, од кои 240 се регистрирани по електронски пат од страна на овластени регистрациски агенти кои ја вршат оваа активност последните неколку месеци. Годинава во нормална процедура се затворени 3.758 компании. Во согласност со измените на Законот за трговски друштва, избришани се 4.200 фирми од евиденција, за 3.500 кои се во регистрацијата на блокирани сметки и 6.100 кои немаат активност три години по ред се чека да го утврди статусот Управата за јавни приходи. Од УЈП се чека и утврдување на статусот на 37.748 фирми за да може потоа да бидат избришани од регистарот.
До јануари се очекува да се зголеми бројот на регистрациски агенти, кој сега на ниво на држава е 121. Обуки се организираат во континуитет, а има голем интерес од овластените сметководители.
Во евиденцијата на Централниот регистар има околу 100 илјади компании.
Сите проекти, Централниот регистар ќе ги претстави пред јавноста поблиску преку Отворените денови што ги организира овој месец од утре до 29, кога сите заинтересирани граѓани ќе може да се обратат за се она што ги интересира во врска со работата на оваа институција, пренесува МИА.
Отворените денови почнуваат од утре во Куманово. Во Скопје ќе биде отворено за граѓаните на 20 декември, а завршуваат на 29 во Штип и во Кочани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.