| четврток, 6 декември 2018 |

Семејствата чии домови изгореа во Циглана досега добиле помош од 10 евра

amdi-bajram

Апел за помош на семејствата чии домови изгореа во пожарот во населбата Циглана денеска упати претседателот на Сојузот на Ромите, Амди Бајрам. Тој потенцира дека само смешни 10 евра изнесува помошта која граѓаните ја донирале за своите семејства.

Тој и на седница на Собранието побара Владата да ги пренамени парите од Буџетот за идната година наменети за декадата на Ромите во износ од 10 милиони денари за изградба на живеалишта на овие семејства, пренесе „Плусинфо“.

– На сметките (денарска и девизна) кои се отворени за помош на овие граѓани досега се уплатени само 10 евра. Досега само две фирми се интересираа за бројот на сметките за да донираат, а има најави дека вработените во општината Шуто Оризари и пазарџиите ќе донираат пари. Затоа апелирам до граѓаните и компаниите да ја покажат својата хуманост – рече Бајрам.

Тој побара граѓаните да ги надминат предрасудите кон Ромите и да ја покажат својата хуманост исто колку и за другите семејства кои останале без покрив над главата.

– Сведоци сме дека за семејства кои се нашле во таква ситуација, а не се Роми многу побрзо се собирала помош. Оние што останаа без куќи не се само Роми има и едно семејство Македоснци и едно Турци – рече Бајрам.

Бајрам, како што рече, планира една своја плата која е во износ од 61.000 денари да ја донира за овие граѓани и најави дека членовите на Сојузот на Роми оваа и идната недела ќе собираат донации за помош на опожарените.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top