Со Милениумскиот крст во иднина ќе управува Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) – ова е предлогот за кој ќе дебатираат советниците во градското собрание. Според предлогот на градоначалникот, Коце Трајановски, Град Скопје ќе му го додели Милениумскиот крст на трајно користење на ЈСП без надомест, заедно со неколку катастарски парцели околу објектот кои се во сопственост на Градот.
Милениумскиот крст претходно беше во сопственост на Македонската православна црква и Фондацијата „Милениумски крст“. ЈСП ќе ги добие и плановите за реновирање на просторот околу објектот, односно најавите кои предвидуваа урбанизирање на просторот и изградба на угостителски објекти. Јавното претпријатие е веќе оператор на жичницата и со неа стопанисува од 2011 година, кога беше пуштена во употреба. Последната обврска која Град Скопје му ја додели на јавното претпријатие е проектот за изградба на панорамско тркало во Вардар меѓу Камени мост и мостот „Гоце Делчев“. Во изградбата на овој објект ЈСП треба да вложи 12 милиони евра, а во моментов се бара фирма-изведувач која ќе ги изврши градежните работи.
Фото: Ѓ. Личовски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.