Македонскиот пијанист Симон Трпчески, седум години по своето деби со врвните музичари од Лондонскиот симфониски оркестар, синоќа повторно ја наполни Барбикан салата, потврдувајќи ја уште еднаш својата репутација на миленик на
лондонската публика.
Трпчевски и Лондонскиот симфониски оркестар под диригентство на Мајкл Тилсон Томас, го изведоа Првиот концерт за пијано и оркестар од Прокофјев, по што нашиот пијанист пред воодушевената публика возврати се врати на бис со соло од Чајковски.
Мајкл Тилсон Томас, американски диригент, пијанист и композитор, носител на 11 Греми и добитник на американскиот Национален орден на уметноста што му го врачи претседателот Обама, е актуелен музички директор на Симфонискиот оркестар на Сан Франциско и уметнички директор на Симфоискиот оркестар на Новиот свет.
– Минав прекрасни мигови работејќи со Симон. Сум работел со многумина виртуозни пијанисти. Прв од тие што ги придружував беш Артур Рубинштајн, потоа имав можност да соработувам и со други легендарни пијанисти како Хоровиц и Вајзенберг. Затоа сум сосема свесен што е вистински квалитет на надмоќно виртуозно свирење пијано. Од првиот момент
тоа е токму она што го слушнав од Симон. Прекрасно – изјави Тилсон Томас за МРТ.
Концертот дополнително ја разгали публиката во распродадената сала Барбикан со посветата што Трпчески ја упати кон неговата ќеркичка Лара која таа вечер го прослави својот четврти роденден и самата измами аплаузи кога на сцената му го честиташе успехот на својот татко со букет рози.
– Мислам дека годинашниот настап со Лондонскиот симфониски оркестар и не можеше да помине на поубав начин. Сметам дека во една убава димензија ги спои професионалното и приватното. Концертот се случи токму на роденденот на мојата ќерка и многу ми е мило што нејзината прва посета на градот во кој се започна во однос на мојата меѓународна кариера
се случи токму на овој начин кога, едноставно, се споија коцките. Ми беше чест и што имав прилика да настапам со едно такво име како што е Мајкл Тилсон Томас, кој е и долгогодишен пријател на Лондонскиот симфониски оркестар и е легендарно име во светот на класичната музика, а освен тоа, на свој начин, е и иноватор – изјави Трпчески за МРТ.
Веќе следната недела, нашиот пијано виртуоз ќе продолжи да испишува нови страници на македонската музичка историја кога во чешката престолнина ќе настапи како солист на Прашката филхармонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


