Општина Струмица и градскиот округ Електростаљ од московската област на Руската федерација, денеска се збратимија и воспоставија пријателски односи. Спогодбата за збратимување ја потпишаа градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев и градоначалникот на градскиот округ Електростаљ, Андреј Суханов.
На чинот на потпишувањето присуствуваа и претседателите на Советите, Марјан Даскаловски и Валери Кузмин и амбасадорот на Руската федерација во Република Македонија, Олег Николаевич Шчербак.
За градоначалникот Заев, збратимувањето со Електростаљ е историски чин за Струмица, кој отвора одлични можности за соработка во сите области со Руската федерација.
-За нас претставува многу важен момент заради тоа што овој прв акт на збратимување помеѓу нашата општина и Електростаљ ги отвора сите можни перспективи на соработка од сите области од секојдневното живеење на граѓаните. Сите знаеме колку Руската федерација и има помогнато на нашата земја и согласно тоа, какви идни и можни правци на добра соработка отвора овој акт на збратимување. Јас навистина сум благодарен што амбасадорот на Руската федерација, господинот Шчербак, помогна во воспоставувањето на ваков значаен историски чин на збратимување од кој што како плод во иднина ќе излезат соработките на полето на образованието, спортот, културата, но секако најважно за сите нас и на полето на економијата. Руската федерација е голема земја, Москва и нејзината област се огромни каде што нашите стопанственици, нашите земјоделски производители ќе најдат идни можности за свој пласман токму во овие области, а секако и Струмица, струмичкиот регион и нашата Македонија е отворена за уште поинтензивни соработки за производите од Русија и за нивната поголема застапеност на нашите пазари- изјави Заев.
– На пример, земјоделците од нашиот регион знаат што значи желбата да воспоставиме една ваква соработка со општина од Московската област, навистина тоа беше едно наше долгогодишно очекување како можност да се воспостави ваква соработка која што дополнително ќе биде мотив плус да ги отвориме толку посакуваните пазари во пријателска Русија. Денеска прецизиравме можни делегации во периодот кој што претстои, пред се во делот на економијата, но се надевам и во делот на соработката граѓаните, без разлика дали е од областа на културата, спортот или образованието. Целата оваа работа треба да ги спријатели и граѓаните на двете општини за да можат благодетите од ова збратимување да го почувствуваат и тие и вземно да се посетат – додаде Заев.
За градоначалникот на градскиот округ Електростаљ, Андреј Суханов, Струмица и Електростаљ имаат огромен потенцијал и многу брзо ќе ја воспостават соработката во сите области.
-Му се заблагодарувам на градоначалникот што не покани да присуствуваме на свеченостите по повод празникот на градот Струмица. Но, не празнувавме само, туку и работевме, баравме можни насоки на соработка, но и забележавме колкав огромен потенцијал има општина Струмица во индустријата, земјоделството, културата, туризмот. Ние се движиме чекор по чекор, ама максимално брзо за да ги прошириме потенцијалите на двата града затоа што нашите граѓани веруваат во нас во овие девет години колку што сме на градоначалничката функција и јас и господинот Зоран Заев. Вие имате прекрасна земја, прекрасен град и мислам дека луѓето од нашите два града ќе се запознаат подобро и само да додадам дека имате многу убави жени, рече Суханов.
Гостите од Електростаљ и домаќините положија свежо цвеќе пред бистата на Јуриј Гагарин, што ја донираше познатиот руски скулптор Григориј Потоцки за македонско – руското пријателство, се прошетаа по центарот на Струмица, а ги посетија и компаниите Ал – Мак и Агрофруктус.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Русија има подготвен одговор ако САД постават база во Полска
-
Заев: Размислуваме за законска измена за справување со кучињата
-
Актерите од „Забрането смеење“: Публиката да се впушти во една театарска авантура
-
Заев: Македонско-грчката комисија ќе почне да работи откако ќе се ратификува Договорот од Преспа во двете земји




