Американското списание „Тајм“ го прогласи папата Франциск за личност на 2013 година, со образложение дека во текот на деветте месеци минати на чело на Католичката црква станал новиот глас на совеста.
– Затоа што го извлече папството од палатата на улиците, затоа што најголемата Црква на светот ја обврза да се соочи со своите најдлабоки потреби и затоа што ги изедначи расудувањето и милосрдието, папата Франциск е личност на годината на „Тајм“ за 2013 година – напиша уредничката на списанието Ненси Гибс.
Според неа, како ретко кој нов играч на светската сцена папата Франциск привлече толку големо внимание за така кратко време „и на младите и на старите, на верниците и циниците“.
– Во текот на деветте месеци во канцеларијата, тој се постави во самиот центар на главните дебати на нашето време: за богатството и сиромаштијата, за чесноста и правдата, за транспарентноста, умереноста, глобализацијата, улогата на жената, природата на бракот, искушенијата на моќта – истакна Гибс.
Втор на листата по понтифот е Едвард Сноуден, поранешниот соработник на американската Агенција за национална безбедност (НСА), на кого му е даден азил во Русија и со кого „Тајм“ објави ексклузивно интервју.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.