| четврток, 6 декември 2018 |

Најмногу лекови се трошат во Берово

lekovi

Анализата на потрошувачката на лекови на товар на ФЗОM по подрачни служби покажува дека најголем број на рецепти се реализирани на територијата на Подрачна служба Скопје со вкупно 2.809.781 рецепти, што изнесува околу 31,8% од вкупно реализираните рецепти за првата половина на 2013 година. Втора по ред е тетовската каде биле реализирани вкупно 551.818 (6,2%) рецепти а во Битола 545.885 (6,17%), анализира Здравство24.

Најмал број на рецепти биле реализирани во Подрачна служба Крушево, вкупно 23.889 рецепти односно само 0,27% од вкупно реализираните рецепти за 2013 година. Покрај бројот во Скоје биле издвоени и најмногу пари за лекови – 360.817.494 денари, во Тетово 67.747.879 денари или 6,45% од вкупниот износ на ниво на РМ. Најмалку средства за лекови ФЗОМ дал во Македонски Брод само 0,27% од вкупниот износ за лекови на товар на ФЗОМ.

Што се однесува до бројот на реализирани рецепти по осигуреник беровчани се рекордери. Со 122.123 реализирани рецепти за првата половина од 2013, се добива бројка од 8,2 рецепти по осигуреник, во Подрачна служба Делчево се реализирани просечно по 7,1 рецепти по осигуреник, додека во Подрачна служба Кичево по осигуреник се реализирани просечно по 6,7 рецепти во анализираниот период. Најмал број на рецепти по осигуреник се реализирани во Подрачна служба Крушево.

На ниво на РМ во првата половина од 2013 година просечно се реализирани 5,16 рецепти по осигуреник.

Според анализата на вкупниот просечен износ издвоен по осигуреник по подрачни служби, најмногу средства за лекови на товар на ФЗОМ во ПЗЗ по осигуреник се потрошени во Подрачна служба Берово околу 792,8 денари по осигуреник, во Подрачна служба Кавадарци се издвоени околу 753,3 денари, а во Подрачна служба Ресен се издвоени околу 736 денари. Просечно најмалку средства по осигуреник за лекови од примарна здравствена заштита се издвоени во Подрачна служба Крушево каде просечниот износ издвоен за лекови е околу 356,5 денари по осигуреник.

На ниво на РМ просечно се издвоени околу 613 денари по осигуреник за лекови од ПЗЗ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top