Бизнисмените во Велес се запознаа со парцелите на индустриските зони Караслари и Речани 2 за кои ќе се изврши јавно наддавање. Градоначалникот Чадиев најави и отпочнување на постапката за третата индустриска зона на површина од 110 хектари, како и дека за еден месец велешани конечно ќе можат да ја видат долгонајавуваната странска инвестиција.
– Сакавме да ги собереме велешките стопанственици и да им ги презентираме нашите напори за заживување на економија, но истовремено да видиме каква е нивната желба за инвестирање во зоните. Понатаму ќе направиме и промоција за истите парцели и за странските инвеститори- истакна Чадиев.
Во април 2014 предвидено е завршување на Деталниот урбанистички план за индустриската зона Речани 2, а додека постапката за индустриската зона Караслари е целосно завршена и парцелите ќе можат да се продаваат за цена од едно евро за метар квадратен на јавно наддавање со 5 отсто за комуналии.
Во Караслари предвидени се седум парцели и тоа: една парцела од 10 хектари и по две парцели од три и од еден хектар и четири до 5.000 метри квадратни. Во зоната Речани 2 би требало да има шест парцели со површина од пола декар.
Велешките стопанственици се заинтересирани за понудените парцели, но истакнаа дека очекуваат зоните да бидат инфраструктурно подготвени и да добијат определени поволности за да можат да инвестираат.
Според претседателот на Регионалната стопанска комора во Велес, Трајче Трајков, потребно да се изнајдат решенија со кои ќе се овозможи еднаков третман како на странските, така и на домашните инвеститори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.