Пратеникот Александар Николовски како претседател на Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања денеска предложи измени на Деловникот за работа на Собранието со кои се предлага временски да се ограничи дискусијата во рамки на парламентарните комисии, пренесува А1ОН.
„Предлагам при општ претрес на закон во комисија за прво читање пратеник да може да зборува повеќе пати, но не подолго од 20 минути, додека координатор на пратеничка група не подолго од 30 минути. Во второ читање, односно при амандманска расправа пратеник да може да говори еднаш не подолго од 10 минути, а координатор на пратеничка група не подолго од 15 минути, и во општ претрес и во амандманска расправа дебатата може да трае не повеќе од три дена“, рече Николовски.
Во скратена или итна постапка, како што рече тој, се предлага пратеник да може да говори 10 минути, а координатор 15 минути, додека дебатата да не трае повеќе од два дена.
-Истите одредби би се однесувале и на постапката за донесување буџет на Република Македонија со тоа што тука оставаме една поголема флексибилност, односно во прво читање расправата би траела 10 дена, а во вториот пет дена додаде Николовски.
Пратеникот својот предлог, како што рече, ќе го достави до сите пратенички групи вклучувајќи и опозициските кои во моментов го бојкотираат Парламентот.
Николовски одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали ова би можело да го ограничи бројот на амандманите по одреден закон, рече дека во однос на законите би требало да се поднесуваат разумен број амандмани.
Пратеникот изрази надеж дека измените на Деловникот ќе се донесат со консензус, но потсети дека тој се носи со мнозинство гласови.
Во однос на причините за неговиот предлог за измени на Деловникот, тој како пример посочи на последните случувања околу носењето на Буџетот за 2013 година кој со злоупотреба на деловничките одредби беше блокиран во рамки на комисиите. Опозициските пратеници за Предлог-буџетот за 2013 година до Собранието доставија над 18.000 амандмани, а исто така имаше и злоупотреби во однос на должината на дебатирањата и обраќањата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.