Кучевиште е село во југозападните предели на Скопска Црна Гора, во општината Чучер Сандево. Селото е ридско и куќите се издигаат на надморска височина од 530 до 620 метри. Од градот Скопје е оддалечено 15 километри. Го посетивме манастирот „Св. архангели Михаил и Гаврил“, кој се наоѓа на три километри оддалеченост од селото Кучевиште по повод пуштањето во употреба на конаците, кои беа подложени на реставрација и на конзервација. Тој плени со својата убавина. Одушевува околината, која нуди одлични услови за одмор и за воздишка од градската средина. Манастирските конаци се едни од позачуваните во однос на другите манастири. Активниот монашки живот во овој манастир е згаснат, но, сепак, претставува одлично место за духовен спокој за секој што сака да го посети. Воедно, околината на Кучевишка Река нуди прекрасни услови за одмор или планинарење.
Не е познато кога точно била изградена црквата „Св. архангел“, ни рекоа во манастирот, но, според начинот на градењето и стилските карактеристики на архитектурата, се смета дека црквата била изградена кон крајот на 14 или 15 век. Од еден натпис, кој постоел во припрата, се заклучува дека живописот во неа бил изведен во 1631 година, додека на сочуваниот натпис на влезната врата на црквата стои дека била живописана во 1701 година. Колоритот на зачуваниот живопис во црквата е прилично анемичен, но за сметка на ова цртежот е посмел и живо ги обликува формите на фигурите предадени во прилично мали формати. Значајни се „Томино неверство“, „Исцелување на болниот од водна болест“, и други.

За манастирот нема многу пишани информации, исцрпните истражувања на професорката Анета Серафимова, која објави монографија за овој бисер на Скопска Црна Гора, ја оживуваат големината на манастирот.
– Народот беседи дека манастирската црква била изградена покрај светата река во времето на кралот Марко. Научните факти укажуваат на тоа дека црквата била подигната во периодот помеѓу Маричката (1371) и Косовската битка (1389) – вели Анета Серафимова.
На иконостасот се наоѓаат царски двери, многу постари од живописот на црквата, од периодот на 16 до 17 век. Во оваа црква се наоѓала и една извонредно интересна икона на која се илустрирани 148, 149 и 150 псалми Давидови. Денес иконата се наоѓа во Уметничката галерија во Скопје. Тоа е иконата позната под името „Хвалите господа“.
– Со оглед на историските околности и новите туркократски услови, црквата во Кучевиште била првично живописана дури во 1591 година. Ктиторот Никола, црковно лице со титула презвитер, го донирал и создавањето на првиот иконостас, за што сведочи натписот на раскошниот позлатен крст, кој е круна на преградата. Во ова време настанале и првите икони од кои во манастирот се наоѓа само таа со претставата на архангелите Гаврил и Михаил, исклучителна по темната боја на нивната кожа, која стручно се нарекува инкарнат. Истиот колорит доминира на фреските во олтарот и во наосот – опишува Серафимова.
Во манастирот „Свети архангели Михаил и Гаврил“ 48 години живее игуменијата Марија. Од дете служи и верува во моќта на овој манастир. По речиси пет децении, таа денеска доживеа вековниот стар конак да се реставрира.
– Јас на оваа адреса имам лична карта, тука сум го поминала цел живот – раскажува монахињата. За сестра Марија животот на овој конак е душата на манастирот.
– На времето тука имаше воденица, манастирот сам произведуваше струја, вели таа. Министерството за култура, МПЦ и американската амбасада, која додели грант, го реставрираа и конзервираа конакот.
– Македонија е земја на стари цркви и манастири, кои сведочат за големото културно и духовно богатство што го поседуваме, импозантни градби од стaрата македонска архитектура – изјави министерката Елизабета Канческа – Милевска при потпишувањето на договорот за доделување на грантот.
– Овој ден особено го чекаше мајка Марија, за неа ова е посебен ден – изјави архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан.

Баба Марија, познатата баба Правда, е силна жена и столб на овој манастир, за неа е најважно манастирот да продолжи да живее.
Околината на манастирот сосема прилега на името Гора – наоколу има густата црна шума, која, според упатените, изгледа најидилично напролет, кога се топат снеговите и се претвораат во брзаци што во местото Глава ја создаваат Кучевишка Река. Таа, понирајќи токму над манастирот, ја озвучува планината со екот на кучешки лаежи. Наеднаш, сосема спокојно, реката се појавува под манастирот како да извира од глинената земјата. Местото е наречено Благоец или Ротка и во локалните приказни носи благослов за пород и семејна радост. Ова е само една од сказните што се симнуваат кон нас од блиските падини, оставени на заборавот на градската врева.
Нешто потаму во времето, поради зголемените манастирски потреби, црквата била проширена кон запад со т.н. припрата, која била живописана во 1631 година. Постојат научни индиции дека во ова време нов ктитор бил скопскиот митрополит Симеон, кој здушно се грижел за манастирот донирајќи му опковани книги и скапи литургиски предмети. За неговото меценство во скопската епархија сведочи и натписот во шишевскиот манастир „Св. Никола“, на ридот над езерото Матка. Тој ги повикал зографите, кои, речиси едновремено, работеле во овие два манастира и сцените ги проследувале со текст испишан на убав црковнословенски јазик.

Целиот источен ѕид е посветен на Страшниот суд, каде што на страната на грешниците се наоѓа и Александар Велики, поставен на клупа меѓу други пагански владетели, како и група османски господари со фесови на главите. На дното на импресивната претстава на пеколот како огнена река, се наоѓа црниот сатана, кој во рацете го држи грешниот Јуда. На спротивниот ѕид, на запад, се наоѓа ликовната интерпретација на семејното стебло на Христос. Ова родословје насликано на 25 квадратни метри има вкупно 110 сцени и фигури, меѓу кои и тие на Сократ, Платон, Аристотел и на Плутарх, чијашто безвремена мудрост е преттеча на старозаветните мудреци, кои се роднини на Христос. Во овој спектакуларен обем лозата на Христос е единствена во централнобалканскиот простор.
Ексклузивност на црковниот ентериер дава зачуваниот мебел, најлуксузното парче, владичкиот стол. Мебелот е создаден во фина мозаична маркетерија со употреба на рог. Оваа техника има шпанско потекло, а нејзиното ширење на Балканот се поврзува со еврејските колонии.
Во 19 век манастирот ја доживува својата преродба: станува богословски училиштен центар со богата библиотека и вредни предмети за богослужба, добива нов иконостас (1843) и икони (1846), а е дограден и јужниот конак како пандан на постариот. Активностите во манастирот во најголем дел се поврзуваат со тогашниот игумен, јеромонахот Мисаил од тетовска Копаница. Во манастирот, на гости или како учители, доаѓале видни луѓе од соседството, та дури и светогорски и руски монаси. Во ова божје гнездо животот течел возвишено и безвремено, сѐ до пустошењето во виорот на балканските војни (1912). Тогаш животот во кучевишкиот манастир трајно згаснал. Но, не згаснал и духот на возвишеност и безвременост, кој го позема секој посетител во ова свето сокровиште и вистинска културно-уметничка ризница.
Пишува: Невена Поповска
Фото: Игор Ангеловски
(Текст објавен во 65. број на неделникот „Република“, 29.11.2013)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


