Симптоматично е што од античкото депо во Музејот на Македонија не се украдени вредни златни предмети што имаат парична вредност, туку ги снемало ситните артефакти тешки по неколку грама, кои не се ретки и како такви немаат ниту голема колекционерска вредност. Фактот што од античката колекција не е украден предмет потежок од 200 грама и кој дури и ако се претопи вреди илјадници евра, а ги снема обетките тешки само по неколку грама, говори дека интересот на тие што ги „позајмиле“ артефактите од националниот музеј би можело, освен од финансиски, да биде и од други причини.
Три можни причини зошто исчезнале артефактите
Првата е најлогична, тој што украл стотина вредни историски предмети, или групата што го направила тоа, ќе се обиде да ги продаде на црниот пазар, кој се протега од Солун до Хонгконг, или веќе го сторил тоа. Практично, на секое ќоше од Земјината топка има заинтересирани за предмети од периодот на Филип и на Александар Македонски. Особено ако се тие каталошки заведени и ако е потврдено дека не се фалсификати затоа што за секој од украдените предмети постои и соодветна документација за потеклото, периодот и за локацијата на која се пронајдени и со тоа нивната вредност се зголемува во споредба со артефактите од дивите копачи, кои не можат да обезбедат соодветна документација. „Дивите“ артефакти поради ризикот дека се лажни достигнуваат пониска цена, освен ако не се некаква археолошка реткост. Најголем дел од овие артефакти не се ретки , такви или слични предмети се пронајдени и на други археолошки наоѓалишта во Медитеранот.
Втората причина за кражба на предметите од античкото депо на Музејот на Македонија е можноста тие да се претопат и да се продадат како чисто злато, што има помала логика затоа што и да се соберат сите златни предмети, тие не можат да достигнат тежина од еден килограм злато. Според сегашните цени на светските берзи, претопеното злато тешко 1.000 грама вреди максимум 40.000 американски долари или околу 30.000 евра. Реално, вредноста на артефактите според овој критериум е многу пониска од дадената затоа што, според неофицијалните процени, украдените артефакти вкупно не се тешки ниту 500 грама.
Кои икони се крадат најмногу
Македонија еден месец по откривањето на илегалното депо со крадени икони во Албанија нема прецизен одговор колку од украдените икони во земјава се украдени од крадци на културно наследство од западниот сосед. Според непотврдени информации од Тирана, меѓу вкупно 1.100 украдени икони, таму се пронајдени само десетина од стотиците икони насилно однесени од македонските цркви и манастири.
Сѐ уште останува тајна каде се македонските икони. Како е можно во период од само неколку месеци од земјава да исчезнат стотици икони, а притоа, генерално, успешната полиција при други видови криминал да не успее да се снајде со кражбите на иконите. Во овој случај се работи за две опции, или постои поврзаност меѓу високи и пониски полициски припадници што прогледуваат низ прсти поради сопствен интерес или се работи за високософистицирана и перфектно организирана операција, која може да ја спроведе класична мафијашка организација или некоја држава. Информацијата дека меѓу украдените икони има огромен процент што го прикажуваат шеснаесеткракото знаме или ѕвездата од Кутлеш (Вергина) укажува на правецот во кој може да се насочи засега неуспешната истрага на македонските власти.
И на крајот, третата и најконтроверзна причина, нарачка од одредени центри, кои имаат политички причини Македонија да нема артефакти од периодот на таканаречената рана антика, како што во историјата се нарекува периодот од 500 до 168 година пред нашата ера. Се работи за период во кој функционирало и кралството на античките Македонци, чиишто владетели биле познатите Филип Втори и неговиот син Александар Трети Македонски. Се разбира, не е никаква тајна дека токму овој период, кој историјата го именува како класичен период, е најинтересен за нашите јужни соседи.
Раната антика опфаќа три етапи: архајски период (6 – 5 век пр.н.е.), класичен период (5 – 4 век пр.н.е.) и хеленистички период (крај на 4 – 2. век пр.н.е.) при што јавна тајна е дека Грција првата и третата етапа од раната антика не ја третира во однос на Македонија. Како што воопшто не ги интересираат другите фази од историјата што се истражуваат во Македонија. За нив главната битка е да докажат дека во времето на Филип и на Алкесандар сегашниот јужен дел од географска Македонија, кој е во грчките граници, бил центар на македонската античка култура и држава. Грчки и други странски колеги тврдат дека владата во Атина троши десетици милиони евра за откуп на артефакти поврзани со овој дел од историјата, која сакале или не сакале мораат да ја делат со северниот сосед. Притоа, се разбира, колку помалку артефакти има во земјава, толку подобро за грчките тези дека Македонија нема историско право на антиката и на македонското кралство.
Во секој случај, логиката не може со сигурност да ја потврди тезата дека во многу кражби на артефакти, особено од античкиот период, се вмешани дивите грчки трговци со антиквитети, кои, меѓу другото, работат и по нарачка на Министерството за култура на Грција. Тие што се инволвирани во овој вид криминал точно ги знаат адресите и контактите на најмалку двајца солунски сопственици на антикварници, кои со децении создавале мрежа од свои контакти во Валандовско, Гевгелиско и во други региони на Македонија каде што има наоди поврзани со оваа етапа од раната антика.
Зошто се украдени артефактите од Исар Марвинци
Ридот Исар во валандовското село Марвинци е еден од ретките раноантички центри од каде што Македонија добила археолошка и историска легитимност да тврди дека е поврзана со кралството на Филип и на Александар. Археолозите сѐ уште не можат да утврдат дали кај Марвинци бил античкиот град Добер или Идоменае, но едногласно велат дека тоа бил најмоќниот јужен град во античка Македонија, во кој богати, ситуирани граѓани уживале во високоцивилизираното општество. Античката градска населба на Исарот својот економски напредок, пред сѐ, го обезбедувала преку земјоделството, сточарството, рударството, притоа имајќи на ум со колкаво богатство на рудни наоѓалишта располага овој регион, како и грнчарството, кое како традиција се задржало и во римскиот период. Тоа што за Македонија е најважно во овој контекст е што најголемиот дел од украдените артефакти од Музејот на Македонија потекнуваат токму од ова археолошко наоѓалиште. Тие што се уверени во тезата дека Грција преку неформални канали се обидува да ја ослаби позицијата на Македонија во врска со антиката велат дека не е случајно што најголем дел од украдените предмети се од ова археолошко наоѓалиште.
Пишува: Горан Момироски
Фото: Република
(Текст објавен во 65. број на неделникот „Република“, 29.11.2013)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Промоција на книгата „Конзерваторско-реставраторски методи и третмани на Охридската збирка икони“од Ангелина Поповска
-
Притвор за седуммина кои криумчареле артефакти
-
Археологот кој бил инспирација за ликот на Индијана Џонс пристигна во Македонија
-
Македонец од Виена и Србин од Марвинци шверцувале антички монети и артефакти со непроценлива вредност