
На 33 свештени лица (26 попови и 7 оџи), 127 индивидуални земјоделци, 59 адвокати и на 547 фирми Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) ќе им ги отпише каматите на заостанатиот долг направен до крајот на 2008 година за неплатени придонеси, оти тие до 31 ноември годинава го платиле основниот долг, соопшти денеска на прес-конференција директорот на ФЗОМ, Беким Незири.
Вкупниот долг на овие 766 обврзници, како што соопшти Незири, изнесува 510.518.934 денари. На основниот долг отпаѓаат 271.039.418 денари, а на каматите што се отпишуваат 239.479.516 денари.
На останатите должници (660) кои прво се пријавиле, а потоа не го платиле долгот ќе им бидат блокирани сметките.
– Можам да кажам дека на сите оние субјекти кои не го искористија ова право и можност која со закон им беше дадена, сè уште се должници на Фондот за ПИОМ и ќе им биде блокирана сметката уште утре – рече Незири.
Тој појасни дека вкупниот долг кон Фондот на ПИОМ по основа на неплатени придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, заклучно со 2008 година, изнесува 10 милијарди денари, но од нив, како што рече, само 2,3 милиона денари би можеле да се наплатат.
Останатите должници се фирми кои се во стечај, ликвидација или веќе не постојат.
– На ваков начин, ние со сегашните уплати и отпис на камати намаливме околу 25 проценти од реалниот долг што обврзниците го имаат кон Фондот за ПИОМ – истакна директорот на Фондот за ПИОМ.
Сите должници кои главницата на долгот до 2008 година ја исплатиле до крајот на ноември годинава ќе можат да аплицираат и за отпис на камата по основа на долг за неплатени придонеси по 2008 година, што е во надлежност на УЈП.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


