| четврток, 6 декември 2018 |

Патешествие на кошаркарите на Индијана до Сан Антонио, принудно слетување, расипан автобус и утната вечера во ресторан што се реновира

Кошаркарите на Индијана пејсерс минаа возбудливо патешествие од дома до Сан Антонио, каде што задутре ќе играат против домашниот тим во меч од редовната програма во НБА-лигата.

Прво, поради густа магла, принудно слетаа во Хјустон, наместо во Сан Антонио, па патот мораа да го продолжат со авотбус. Дестинацијата се минува за 3 часа, но и тука не одеше сѐ мазно. По пат им се расипа автобусот во близина на ресторан, каде што експедицијата на Пејсерс заминала на вечера. Наместо планираниот оброк и одмор, кошаркарите на Индијана се соочиле со затворен ресторан поради реновирање.

За постојаните маки од неверојатната одисеја на водечкиот тим во НБА (биланс од 17-2), информациите експресно излегуваа на социјалните мрежи. На „Твитер“ имаше мошне интересни постови што ги испраќаа ѕвездите на Пејсерс.

– По ова патување, искрено ни недостига гостување во Азија. Таму ќе стигневме за само 17 часа – беше еден од најинтересните објави на експедицијата на Индијана пејсерс.

Ништо подобро не минаа ниту нивните следни домаќини, кошаркарите на Сан Антонио спарс. Тие се вратија од Мексико, по долгата авантура и неодиграниот меч против Минесота. Требаше да се игра НБА-меч во Сиудад Мексико, но наместо тоа, Тим Данкан, Тони Паркер и останатите НБА-ѕвезди од двата тима беа евакуирани заедно со над 22 илјади гледачи поради чад во салата. Генераторот за струја откажа и предизвика густ чад на неполн час пред натпреварот, што требаше да биде прв со два НБА состави одигран во Мексико по 26 години.

Сега останува да се види кој од двата тима подобро го поднел шокот од долгите и неизвесни патувања, а исходот ќе се знае в недела наутро.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top