| четврток, 6 декември 2018 |

Попоски: Грција повторно ја префрла топката во туѓ двор

Шефот на македонската дипломатија реагираше на соопштението од грчкото МНР во кое се наведува ставот дека Македонија не е дел од НАТО поради тоа што не ги исполнува условите, објавува „Дојче веле“.

Грција повторно ја префрла топката кај земјите-членки, е коментарот на македонскиот министер за надворешни рaботи Никола Попоски даден по состанокот со Северно-атлантскиот совет на НАТO денеска во Брисел.

Грчкото МНР претходно соопшти дека министерот Евангелос Венизелос на своите колеги шефови на дипломатиите на земјите-членки на Алијансата има порачал дека Македонија не влегува во НАТО поради неисполнување на критериуми, а не поради билатералните односи со Грција.

– Сметам дека не е првпат да се има тенденција од страна на нашиот јужен сосед да се префрла топката од едно класично попречување и прекршување на меѓународно- правната рамка што е воспоставена со Времената спогодба на ниво на целата Алијанса. Тоа е бегање од одговорноста, префрлајќи ја топката кај останатите земји-членки. По пресудата на Меѓународниот суд на правдата, многу е јасно лоцирана причината за таквото однесување и тоа е единствениот релевантен и независен извор за тоа каде треба да се изнајде решението, вели Попоски.

-Грчките позиции за проширувањето на НАТО, особено во однос на предусловите за членство на Македонија во Алијансата, се апсолутно јасни и повеќе се поврзани со општите критериуми на НАТО, а не со грчко-македонските билатерални односи, се наведуваше во објавеното соопштение на грчкото МНР.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top