Градоначалникот на општина Дојран, Борче Стамов, информираше дека оваа година Дојран ја имаше најдобрата летна туристичка сезона во изминатите 10 години.
– Во пресрет на летната сезона, беа преземени низа мерки за организиран и спремен пречек на туристите и гости кои, престојувајќи во Дојран, неколкупатно го зголемуваат бројот на жители во Општината. Беше отворен туристичко-информативен центар, кој ја спроведе доста успешната акција за категоризација на приватните издавачи, а на крајот тоа резултира со 30% зголемување на приходите по основа на наплата на туристичката такса – соопшти Стамов.
Изградено е и поставено понтонско пристаниште, а во тек е изработката и на основен проект за продолжување на рекреативната патека од Стар до Нов Дојран во должина од 3,5 км, чија реализација ќе почне во 2014 година. Исто така, усвоени се урбанистички планови за две туристичко развојни зони, кои многу бргу ќе бидат понудени за продажба.
– За Дојран, повеќе не може да се каже дека е заборавената општина од јужното ќоше на Македонија, напротив, Дојран денес е општина која брзо се развива и стана една од поинтересните дестинации за инвестирање во Македонија – вели Стамов.
Во изминатите шест месеци, од вкупно 83 ветени проекти во изборната програма, целосно се реализирани 14 од нив, а почнати се и 28 други проекти или вкупно 50% од проектите во програмата. Со ова темпо на работа, со оваа динамика, која дополнително ќе ја зголемиме со планираното доекипирање на општината и јавното претпријатие, очекувам општина Дојран да биде меѓу првите општини во Македонија со целосно реализирана програма.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.