Охридскиот градоначалник, заедно со својот кум, од денеска официјално се новите избрани кумови на Богојавление Водици 2014 година, објави „Охрид нет“. Празникот стана симбол за Охрид, новитет е тоа што прославата ќе биде збогатена со концерти и други активности, кои ќе траат четири дена.
– За мене овој чин претставува една човечка хумана обврска да се споделуваат духовните, хуманите, традиционалните и верските позитивни вредности меѓу населението во Охрид – изјави Никола Бакрачески, градоначалник на општина Охрид.
Сашо Симески, најдобриот пријател и кум на Бакрачески, рече дека е пресреќен што ќе биде кум на Богојавление.
– Чест и задоволство е да се биде кум на Богојавление во Охрид – рече Симески.
Веќе се испратени покани до сите дипломати и амбасадори. Се очекува на најголемата црковно-народна манифестација повторно најбројна да биде руската делегација.
– Ние од секогаш сме се стремеле да ја изведеме оваа манифестација надвор од градот, во Македонија, а сега веќе се стремиме да прерасне во балканска и европска – изјави Љупчо Арнаудов, претседател на Здружението „Богојавление“.
Илјадници туристи од земјава и странство се очекува да го следат осветувањето на водите на Охридско Езеро.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.