Поранешната хрватска премиерка Јадранка Косор денеска сведочеше на судењето за случајот „Планинска“ во кој првообвинет за злоупотреба на службената положба е нејзиниот претходник на премиерската функција Иво Санадер.
Како што јави „Танјуг“, станува збор за случајот со купување зграда за потребите на Министерството за регионален развој, при што Санадер се товари за земање провизија.
Косор објасни дека Санадер, кој тогаш бил премиер, со крстови ги означувал актите што самиот ќе ги потпишува, а останатите одлуки ги потпишувала таа по негово овластување.
Таа се потсети на расправата на потесниот кабинет на Владата за купување на зградата во улицата „Планинска“ и договорот со „Хипо лизинг“ за кредитирање, на која Санадер објаснил дека станува збор за владин интерес бидејќи Министерството за регионален развој било дислоцирано, па поради високите наемнини ќе се заштеделе значителни средства.
– На затворениот дел од седницата не расправавме за тоа. Јас само потсетив дека за сѐ веќе дискутиравме на седницата на потесниот кабинет на Владата. Кажав дека тоа го објаснил претседателот Санадер, сите беа за и никој не се јави за расправа. Со оглед дека таа точка од дневниот ред не беше означена со крст, јас ја потпишав одлуката – додаде Косор.
Адвокатот на Санадер, Чедо Продановиќ, по наредба на судијата, Јасна Смиљаниќ, не доби одговор на две прашања до Косор: дали е вистина дека испратила писмо до Европската комисија дека наскоро ќе се покренат обвиненија, меѓу кои и против Иво Санадер, и дали во Државното обвинителство испраќала сведоци кои го товареле Санадер. Објаснувањето на судијата и во двата случаи беше дека тие немаат допирни точки со предметот на постапката.
Косор требаше да сведочи уште кон средината на ноември, но тогаш Санадер беше болен, а неговиот адвокат побара одлагање на судењето бидејќи не се согласуваше важното сведочење да се одржи без присуство на обвинетиот.
Санадер, против кого се водат повеќе постапки за корупција, тврди дека е жртва на политички прогон што го води Косор, во соработка со државниот обвинител.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.