| четврток, 6 декември 2018 |

Поранешниот словенечки премиер Антон Роп казнет со 10.000 евра за откривање тајни податоци

Поранешниот словенечки премиер, Антон Роп, е казнет со 10.000 евра за откривање тајни податоци за безбедносната служба во времето кога бил претседател на Владата, соопшти Првостепениот суд во Љубљана.

Судот го прогласи Роп за виновен поради изјавата дека во 2004 година словенечката тајна служба СОВА ги следела „инцидентите“ на границата со Хрватска и во рамки на тие активности ги снимала разговорите на тогашниот хрватски премиер, Иво Санадер и неговиот колега, Јанез Јанша и дека тие се „договарале за инцидентите“ со цел Јанша да дојде на власт. Роп тврдеше и дека за тоа постојат снимки во тајната служба.

Во текот на судењето Роп ја отфли вината и се бранеше со тврдење дека такви изјави дал во 2007 година во неформален телефонски разговор со новинар на Словенечката телевизија,
кој, без негово знаење, ги објавил. Тој тврдеше дека не открил тајни податоци кои не биле и пред тоа познати од медиумите, како и дека и други политичари во време на инцидентите на границата со Хрватска јавно изјавувале дека со сите средства треба да се заштитат словенечките интереси.

Пред три години Роп на Суд постигна договор со Јанша, кој заради тогашните изјави го тужеше за клевета во приватна парница, и притоа му се извини.

Роп беше словенечки премиер од 2002 до 2004 година, а веќе подолго време не е активен во полтиката.
во политиката.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top