Тајландската премиерка Инглук Шинаватра одби да поднесе оставка и како неуставни ги отфрли вчерашните барања на демонстрантите за замена на владата со „народен совет“.
Шинаватра ја даде својата прва телевизиска изјава по масовните протести и судири на демонстрантите со полицијата во текот на викендот, во кои, според официјални сведочења, загинаа меѓу три и пет лица, а десетци беа ранети.
– Подготвена сум да направам сѐ што е потребно за луѓето да бидат среќни. Но, како премиер, тоа што го работам треба да е во согласност со Уставот – изјави Шинаватра, додавајќи дека не е исклучена можноста за распуштање на Парламентот.
Шинаватра јасно нагласи дека смета на поддршка на армијата, која во Тајланд е многу моќна поради честите преврати, вкупно 18 од прогласувањето на земјата за уставна монархија во 1932 година.
Утринава илјадници демонстранти продолжија да ја опколуваат зградата на Владата, која ја обезбедуваат сили на редот. Демонстрантите на кабинетот на Шинаватра му дадоа ултиматум да поднесе оставка во следните два дена.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


