Реномираната германска издавачка куќа „Германска џебна книга“ (DTV) деновиве го објави романот на Влада Урошевиќ Мојата роднина Емилија, во превод на Бенјамин Лангер. Во оригинал, на македонски, романот излезе во 1994 година и имаше значаен успех кај нашата читателска публика. Овој „роман во осумнаесет раскази“ беше објавен на француски јазик, во Париз, во 2010 година, во превод на Жана Ангеловска. Сега, во издание на минхенскиот издавач, ова дело на Урошевиќ е излезено во едицијата „Премиум“, во која се објавуваат автори кои првпат се јавуваат со книга што го носи знакот на оваа издавачка куќа. Особеноста на делото издавачот ја изразува како „чудо оддалечено од нас само со еден замав на крилото“, а на задната корица, како препорака за книгата, романсиерката Елке Шмитер пишува: „Влада Урошевиќ е една од оние личности за кои тешко можеме да замислиме дека навистина постојат, бидејќи покрај нив имаат поминато сите рефлектори на дваесеттиот век: космополит од внатрешноста, академик со свест за традицијата, а истовремено и инвентивен автор, тој е, накратко, граѓанин на светот од Македонија. Со голем обем на дела, тој отсега, па натаму допрва ќе биде откриван“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.