| четврток, 6 декември 2018 |

НБА-магија на Орландо и Вашингтон

Орландо меџик и Вашингтон визардс имаат интересни прекари, а синоќа во стилот на истите и ги победија фаворизираните Атланта хоукс и Лос Анџелес лејкерс.

Магичните од Орландо славеа со 109-92 против нашиот Перо Антиќ и неговите соиграчи од Атланта. Македонскиот репрезентативец постигна 6 поени за неполни 7 минути игра, а имаше и една блокада. Антиќ упати два удари од поле, погоди за три поени, утна за два, а беше прецизен трипати од 4 обиди од линијата за слободни фрлања. Меџик ја прекина серијата од 17 порази на гостувањата.

Волшебниците од Вашингтон го прекинаа низот на Лејкерс од 3 победи и славеа со 116-111. Џон Вол со 31 поен и Нене Иларио со 30 поени беа незапирлив тандем во прекрасната ноќ за Вашингтон. Кај тимот од ЛА во очекување на враќањето на Коби Брајант, најдобар стрелец беше Џордан Фармар со 22 поени.

Скапиот тим на Бруклин, конечно, одигра на очекуваното ниво и со победа од 102-100 го надигра Торонто. За Нетс ова значи прекин на серијата од 5 порази, но „дрим-тимот“ што го состави рускиот тајкун Прохоров сѐ уште не функционира како што се очекуваше. Ендрју Блеч постигна 24 поени, се разбуди и Џо Џонсон со 21 поен, што беше доволно за петти триумф во 15. натпревар за Бруклин сезонава. Де Розен со 27 поени беше најефикасен кај Торонто и воопшто на натпреварот, а Ловри уфрли 24 поени.

Во неизвесен меч славеше и Голден стејт против Њу Орлеанс со 102-101. Ветеранот Џермејн О`Нил погоди во финишот кога најмногу му беше потребно на тимот, со што „воините“ од Сан Франциско славеа со еден поен разлика.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top