Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, од денеска ќе престојува во дводневна работна посета на Брисел, каде што на агендата има голем број настани и средби со високи претставници на Европската унија.
Попоски денеска во 14 часот ќе има настап пред Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент, каде што ќе говори за македонската состојба во евроинтеграциите, само два дена по првото разгледување на предлог-резолуцијата за нашата земја изготвена од известувачот Ричард Ховит.
Пред да го одржи говорот во Европскиот парламент, предвидено е министерот Попоски да се сретне со британскиот европратеник Ховит, но и со известувачите во сенка од европскиот законодавен дом, Чарлс Тенок и Едвард Кукан.
За утре, шефот на македонската дипломатија има закажано средба со генералниот директор на Директоратот за проширување, Кристијан Даниелсон, како и средба со влијателните новинари/дописници на светските медиуми во Брисел.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.