Со цел обезбедување соодветни услови за работа, нови функционални сценски простори и конечно решение на просторниот проблем кој го има охридската библиотека за сместување на книжниот фонт, НУБ „Григор Прличев“ во Охрид и НУ „Охридско лето“ – Охрид – направија размена на простории.
Со одлука на Министерството за култура, НУ „Охридско лето“ ќе се префрли во просториите кај Путник, кои неодамна беа доделени на Библиотеката, а сегашната зграда на дирекцијата на „Охридско лето“ ќе се преадаптира за книжниот фонд на Библиотеката. Со ваквата размена на просториите, Библиотеката ќе добие една просторна целина, административниот дел и книжниот простор ќе бидат на едно место, а „Охридско лето“ соодветен простор приспособлив за својата активност.
– Просторното решение на „Охридско лето“, неговата адаптибилност и приспособливост во административниот простор, бара единствено простор кој, пред сѐ, ќе одговара со својата квадратура за нормално функционирање, простор кој би бил веднаш вселив. За нас е најважно да обезбедиме дополнителен простор кој ни е неопходен во реализацијата на настаните, како за време на 40 фестивалски денови, така и преку целата година, како библиотечен, театарски, сценски простор, театарска сцена, сали за изложи, прес- конференции и слично – вели директорката на „Охридско лето“, Елизабета Јанкуловска.
Според директорката на „Охридско лето“, приоритет на установата е обезбедување на што повеќе простори за изведба на музичко-сценските настани, а не административни простории.
– Културните установи со своите дејности се претставуваат на сцените, а не во канцелариите – вели Јанкуловска.
Инаку, за објектот на Центарот за култура, каде што сега се сместени двете национални установи, уште во 80-тите години е направен предлог-проект за реконструкција. Според најавите, тука е предвидено да се гради културен комплекс, во кој би имало големи и мали сали за настани, простори за изложби, промоции и презентации, кинопростор и др… како и простор за распределба на административниот дел на веќе присутните установи (центарот за култура, театарот, библиотеката, Охридско лето…).
„Охридско лето“ во новите простории ќе се пресели по целосна адаптација на просторот кај Путник.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Словенечкиот уметник со светско реноме Дарко Брлек доаѓа на 59-тото „Охридско лето“
-
„Охридско лето“: Поради спецификата на претставата што се играше пред самата сцена на Антички, видното поле од гледалиштето беше намалено, и тоа го најавивме
-
Слаба посетеност на затворањето на „Охридско лето“
-
„Илијада“ во копродукција на СНГ, Цанкариев дом и Градски театар од Словенија вечерва го затвора „Охридско лето“