Министерот за здравство Никола Тодоров, заедно со директорката на Универзитетската клиника за детски болести д-р Аспазија Софијанова, во Израел потпиша Меморандум за соработка со реномираниот Детски медицински центар „Шнајдер“, со седиште во Тел Авив.
Меморандумот е со важност од пет години, со можност за продолжување и подразбира соработка во делот на медицинската едукација и обука во педијатриска кардиологија и кардиохирургија, педијатриска хирургија, општа педијатрија, педијатриска анестезиологија, педијатриска неврохиругија, педијатриска ортопедска хирургија, педијатриска офталмологија, педијатриска оториноларингологија, педијатриска неврологија, педијатриска радиологија, како и други области од заеднички интерес.
Центарот „Шнајдер“ е единствена високоспецијализирана установа од ваков вид во Израел и Блискиот Исток. Тааа е една од меѓународно водечките институции во педијатриската интензивна нега, неонатологијата, третманот на изгореници, референтен центар за хемато-онкологија, ендокринологија и дијабетес, кардиологија, како и водечка институција во трансплантација на коскена срцевина и трансплантации на органи, како срце, бубрези, црн дроб.
Со потпишаниот Меморандум за соработка предвидени се краткотрајни и долготрајни обуки на специјалисти-педијатри, педијатриски сестри, рентген техничари и други здравствени работници од Република Македонија, како и обука од страна на експерти од „Шнајдер“ центарот во релевантните македонски здравствени установи, со што се овозможува нашите здравствени работници да имаат пристап до врвна медицинска едукација и обука.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


